17 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСилен раст на Волстрит

Силен раст на Волстрит

Wall Street Premarket

Цените на акциите на Волстрит силно пораснаа во средата бидејќи инвеститорите од пораките на Фед извлекоа заклучок дека зголемувањето на каматите во декември значи дека централната банка верува дека американската економија ќе продолжи стабилно да расте.

Dow Jones скокна 247 поени, или 1,42 отсто, на 17.737 поени, додека S&P 500 порасна 1,62 отсто, на 2.083 поени, а Nasdaq 1,79 отсто, на 5.075 поени.

Силниот раст на цените уследи по објавата на записникот од октомвриската седница на Фед кој покажа дека челниците на централната банка се заземаат за зголемување на каматите во декември.

И додека цените на акциите обично паѓаат по најавата за зголемување на каматите бидејќи тоа ги зголемува трошоците на кредитирањето, сега инвеститорите заклучија дека зголемувањето на цената на парите покажува дека челниците на Фед се уверени дека наскоро ќе бидат постигнати две цели-потполна вработеност и инфлација близу 2 отсто.

„Ми се чини дека е прилично сигурно оти Фед ќе ги зголеми каматите во декември. Тоа би требало да ја поттикне довербата со оглед дека Фед сега е сигурен дека економијата стабилно ќе расте“, смета Ренди Фредерик, директор во Чарлс Шваб.

Седум години клучните каматни стапки на Фед се движеа на рекордно ниско ниво близу нула отсто, што поддржуваше евтино кредитирање и раст на цените на акциите.

„Сметам дека пазарот на труд е подготвен за зголемување на каматите. Ние едноставно мораме да излеземе од оваа „зомби“ економија која зависеше од еликсирот на ниските камати и ќе тргне во процес на нормализација“, вели Ален Рехтшафен, портфолио менаџер во фондот UBS Wealth Management Americas.

Во текот на вчерашниот ден пораснаа акциите во сите 10 сектори од S&P 500 индексот, а најмногу за 2 отсто, скокна здравствениот сектор. Со раст од 1,8 отсто следеше финансискиот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП