Малку по терористичките напади во Париз од петокот беше објавен нов извештај, според кој светот во моментов плаќа највисока цена поради тероризам по нападите на кулите близначки во Њујорк во 2001-ва година, коментира „Bloomberg“.
Во 2014-та година, терористичките акти го чинеле светот 52,9 милијарди долари, во споредба со 51,51 милијарди долари по 11-ти септември, покажуваат последните податоци на „Global Terrorism Index“ на „Institute for Economist and Peace“ (IEP), кој собира слични информации од 1997-ма година.
За да се утврди цената на тероризмот, „IEP“ ја пресметува вредноста на имотните штети, на пример од самоубиствен напад во зграда, и „цената“ при смрт или повреди, вклучувајќи ги и трошоците за медицинска грижа и пропуштените профити. Институтот сепак не ги зема во предвид трошоците за зголемениот број на чувари, повисоките премии за осигурување или застојот на градот по нападот.
Иако овие податоци да не ги вклучуваат последиците од крвопролевањето од петокот во француската престолнина – тие ќе бидат оценети во истражувањето кое ќе биде објавено следната година, економските последици од најлошиот терористички напад во Европа во последнава деценија, и тоа толку бргу по пукањето во јануари против „Charlie Hebdo“, ќе се почувствуваат во Европската унија речиси веднаш.
„Уште во овој квартал ќе се почувствуваат последиците врз БДП-то на Франција, бидејќи дури и само едно 48-часовно затворање на градот ќе има трајни последици. Ако се зголеми безбедноста, особено во Европа, тоа ќе влијае на слободното движење на луѓето, што од своја страна ќе влијае на тековните перформанси“, вели Стив Килилеа, извршен претседател на институтот.
„Исламската држава“ – која оваа година ја презеде одговорноста за нападите во Париз и Бејрут, како и за соборувањето на рускиот авион во Египет, ги надмина талибанците во Авганистан од позицијата на најсмртоносна терористичка група, одземајќи животот на над 20 илјади луѓе во минатата година, покажува истражувањето. Францускиот претседател Франсоа Оланд ги нарече „најголемата фабрика на терористи, која светот некогаш ја видел“.
Самопрогласениот калифат, чии корени се негуваа во Ал Каеда во Ирак, се потпира на постојаниот растечки број на странски борци, кои доаѓаат од развиениот свет. Меѓу земјите без муслиманско мнозинство, Русија има најмногу граѓани кои заминале за Сирија и Ирак за да се борат, а зад неа е Франција.
Во последните две децении огромните напади против европските престолнини од Лондон до Мадрид беа дело на организирани екстремистички групи. И сепак околу 70% од жртвите на тероризмот во западните земји меѓу 2006-та и 2014-та година се последица на активностите на „волци единки“, мотивирани од антивладините расположенија или отпорот против имиграцијата, правата на хомосексуалците или абортусот, се наведува во извештајот.
Тероризмот ја зема најголемата човечка и економска жртва на пазарите во развој, каде групите можат да ги искористат предностите на безаконските простори, запоставени од неуспехот или слабите влади. Според критериумите, регионите Блискиот Исток и Северна Африка се најмногу погодени со 13.426 лица кои загинале како последица на терористички акти во 2014-та година.