Цените на акциите на европските берзи повторно паднаа изутринава, под притисок од распродажбата на Волстрит и во Азија при очекувањата дека Фед во декември ќе ги подигне каматните стапки по прв пат за последните 10 години.
Паневропскиот индекс FTSEurofirst околу 9,30 часот беше во минус 0,5 отсто, откако вчера потона 1,6 отсто, забележувајќи најголем дневен отстотен пад од крајот на септември.
Истовремено, франкфуртски DAX, париски CAC и лондонски Ftse индекс беа во минус од 0,35 до 0,51 отсто.
Берзанските индекси на Волстрит во четвртокот забележаа најголем дневен пад за повеќе од месец дена поради падот на цената на сировините и најавите на Фед за зголемување на каматите во декември.
Dow Jones потона 1,44 отсто, додека S&P 500 се намали за 1,40 отсто, а Nasdaq за 1,22 отсто.
Поради тоа остро паднаа и азиските берзански индекси. На токиската берза индексот Nikkei го заврши тргувањето со минус од 0,5 отсто, на 19.596 поени.
Во фокусот на инвеститорите ќе бидат податоците за бруто домашниот производ на еврозоната за третиот квартал, американската малопродажба во октомври, како и за инфлацијата.
„Со оглед дека податоците за американската малопродажба и инфлација биле над очекувањата, како што видовме кај последниот извештај за вработеноста, можевме да видиме корекција на цените на акциите“, смета брокерот Џонатан Судариа од London Capital Group.
Од трендот на падот на цените на акциите се издвои акцијата на швајцарската Syngenta, која поскапе 10 отсто откако агенцијата Bloomberg извести дека China National Chemical Corp е заинтересирана за преземање на најголемата светска агрохемиска компанија за речиси 42 милијарди долари.