19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаконот за мобинг по изборите

Законот за мобинг по изборите

mobing-zakon

Предлог законот за мобинг инициран од Сојузот на синдикати на Македонија, се очекува да биде усвоен по завршувањето на локалните избори во државата. Текстот на законот веќе е разгледан и прифатен од страна на Економско-социјалниот совет на неговата последна седница.

Според претседателот на ССМ Живко Митревски, законот ја разработува целокупната постапка за утврдување на мобинг, како и санкциите што би следувале доколку се утврди ваквата појава.

– Она што досега претставуваше најголема тешкотија е тоа што имаше само еден член за мобинг вграден во Законот за работни односи. Тој не беше доволен, бидејќи во него не се дефинирани правата и обврските на работодавачот и работникот во текот на утврдувањето на постапката. Значи, досега не постоеше постапка на кој начин ќе биде утврден мобингот во претпријатието, изјави Митревски пред денешната промоција на книгата „Што постигнавме-програмски потврди“.

Тој најави и иницијатива за измени на Законот за работни односи во делот на колективното договарање. Ќе бараат задолжително спроведување на колективните договори и зголемување на санкциите доколку не се реализираат овие договори.

– Побаравме анализа за спроведувањето на колективното преговарање. Наша оценка е дека не е доволно само да се потпише колективниот договор, туку потребно е тој да се имплементира. Од тие причини ќе побараме комплетен извештај за спроведувањето на колективните договори и од наша страна најверојатно ќе следи активност за измена на Законот за работни односи во делот на задолжителната обврска да се спроведуваат колективните договори и барање за зголемување на санкциите, рече Митревски.

Сојузот на синдикати на Македонија денеска ја промовираше книгата „Што постигнавме – програмски потврди“ која претставува осврт на сето она што е сработено во изминатиот период.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП