17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБугарската ИТ компанија Мусала Софт ќе инвестира над 23 милиони евра и...

Бугарската ИТ компанија Мусала Софт ќе инвестира над 23 милиони евра и ќе вработи 320 лица

blgarka i pese

Инвестиција од повеќе од 23 милиони евра и вработување на 320 луѓе денеска најави вицепремиерот Владимир Пешевски и претседателката на бугарската ИТ компанија „Мусала Софт“, Елена Маринова.

Пешевски рече дека Владата заедно со Агенцијата за странски инвестиции подолг период работела на тоа да ја привлечат оваа компанија да инвестира во земјата со оглед на тоа што станува збор за исклучително успешна компанија со навистина богато портфолио на клиенти.

„Оваа компанија ќе отвори работни места за над 320 високообразовани лица од ИТ секторот, ќе овозможи на голем број едуцирани млади и поискусни луѓе да ги применат знаењата кои ги стекнале за време на студирањето. „Мусала Софт“ е технолошки развиена компанија која соработува со светски познати компании како што се Дојче Телеком, ДХЛ, ХП, ИБМ, Мобилком Аустриа Груп, ОМВ, Теленор и други и ваков тип на компании придонесуваат не само за намалување на невработеноста, туку и за создавање на производи и услуги со повисока додадена вредност кои полесно и побрзо се извезуваат од Македонија“, рече Пешевски.

Потенцира дека Владата ќе продолжи со позитивниот тренд на привлекување на инвеститори со високо развиени технологии, како и да привлекува компании кои би инвестирале во различни региони и градови во земјата.

Претседателката на „Мусала Софт“, Елена Маринова, истакна дека тие веќе започнале со екипирање на својата канцеларија во Скопје, досега се вработени 10-ина лица, а до 2020-та година, бројката на вработени ќе надмине 320, а вкупната инвестиција над 23 милиони евра. Таа истакна дека компанијата е особено посветена кон развој и стручно усовршување на вработените и дека многу ќе се вложува во тој сегмент во наредните години.

„Мусала Софт“ е водечка компанија во Бугарија во областа на софтверско инжинерство, која очекува годишен раст од 20-30 отсто, а вкупниот број на вработени до 2020-та година да надмине 1.000 лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП