2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд понеделник лекарите електронски ќе ги добиваат лабораториските резултати

Од понеделник лекарите електронски ќе ги добиваат лабораториските резултати

labaratorija

Од понеделник матичните лекари ќе бидат поврзани со сите лаборатории од примарно ниво, со кои Фондот за здравство има склучено договор.

Имено, резултатите од крвните анализи директно ќе бидат прикажани на софтверот на матичните лекари и пациентот нема да има потреба да оди во лабораторијата по резултати и потоа истите да ги носи кај матичниот.

„Во текот на една година околу 650.000 осигуреници потребно е да извршат превенција, а со овој софтвер, скратуваме потенцијални 1.300.000 посети во лабораторија и матичен лекар. Ќе има заштедата во време и пари, односно станува збор за заштеда на огромни средства. Избраните лекари по електронски пат ќе ги добиваат резултатите од лабораториските наоди потребни за превенција, и тоа за: ниво на гликоза во серум, ниво на серумски креатинин во крв, ниво на вкупен холестерол во крвта, вредност добиена од испитување на OGTT (орален гликоза толеранс тест), присуство на протеини во урина“, рече дирекотрот на ФЗОМ, Сашо Стефановски.

Со новото софтверско поврзување се скусува  времето кое е потребно за вршење на превентивните прегледи, се елиминира уште една посета кај матичниот лекар и лабораторија. Матичниот лекар ќе има увид во резултатите и доколку постои лабораториско испитување не постаро од 90 дена, согласно правилата за превенција, ќе ги искористи резултатите без притоа непотребно да се испраќа пациентот за уште една лабораторија. Со овој начин се штити и пациентот и здравствениот систем.

Како што појаснија од ФЗОМ со новиот начин на работа превенцијата ќе изгледа вака: на пациентот кој е повикан за превенција ќе му биде измерен притисок, висина, тежина, ќе се направи ЕКГ, ќе се земат лични и фамилијарни анамнестички податоци поврзани со заболувањата (кардио, нефро и дијабетес). По ова матичниот лекар ќе му издаде упат за лабораториско испитување кое во нашиот систем ќе го означи дека е за превенција. Во лабораторијата кога ќе се издаваат резултатите системот ќе препознае дека за овој осигуреник потребно е резултатите да се запишат во системот. Потоа системот ќе го извести матичниот лекар дека резултатите за осигуреникот се готови и матичниот лекар ќе ги искористи да ја доврши превенцијата и да добие ризик-скор. Вака осигуреникот нема потреба да се враќа кај матичниот лекар. Доколку ризик-скорот го класифицира осигуреникот во низок ризик од овие заболувања, завршува епизодата за превенција. Доколку ризик-скорот го класифицира во висок ризик од можност од заболување, тогаш матичниот лекар ќе го контактира пациентот и ќе закаже преглед на специјалистичко консултативно ниво на здравствена заштита.

ФЗОМ воведе превенција за кардиолошки, нефролошки болести и дијабетес кај матичните лекари со цел да се придонесе кон намалување на бројот на идни пациенти заболени од овие болести, односно да се преземат сите превентивни активности за оваа ризична група на осигуреници да не ги развие овие заболувања и да се влијае на намалување на пациенти кои ќе завршат на дијализа, инсулинска терапија, како и да има помалку пациенти со срцеви и мозочни удари. За стимулирање на оваа активност секој матичен лекар преку Фондот добива 20 отсто од капитацијата секој месец.

Со новиот софтвер се заменува употребата на досегашните хартиени обрасци. Имено, матичниот лекар за секој пациент досега печатеше 7 хартиени обрасци. Тоа изнесува повеќе од 9 милиони печатени обрасци за две години кај матичните лекари. Со софтверското решение овозможивме целосно електронско работење и исфрлање на хартијата од употреба за превентивните цели. Бенефит од ова имаат матичните лекари кои заштедуваат околу 6 милиони денари годишно за тонери, хартија, принтери и сервисирање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП