21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа азиските берзи внимателно, доларот благо попушти

На азиските берзи внимателно, доларот благо попушти

aziski-berzi

На азиските берзи во средата се тргува претпазливо, во исчекување на новите извештаи коишто ќе покажат каква е ситуацијата во кинеската економија.

На токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување во средата беше во плус од 0,2 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг, Сингапур, Јужна Кореја и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто, а во Шангај имаше благ пад. Така, MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во плус 0,1 отсто, откако во вторникот потона на најниското ниво во последните триесет дена.

Азиските пазари се стабилизираа по вторничниот остар пад, но се тргува претпазливо додека се очекуваат новите извештаи од Кина, кои ќе покажат со кое темпо забавува растот на втората според обемот светска економија. Колку регионот е загрижен поради слабеењето на побарувачката од Кина, покажува и во средата објавениот податок за падот на довербата на претприемачите во Јапонија во ноември, трет месец по ред, и тоа на најниското ниво во последните две ипол години.

Азиските инвеститори не беа охрабрени ниту од благиот раст на индексите Dow Jones и S&P 500 на Волстрит во вторникот, бидејќи со тоа надоместија само мал дел од загубата од претходниот трговски ден. Покрај тоа, во декември американската централна банка би можела да ги зголеми каматните стапки, првпат по 2006 година, бидејќи најголемата светска економијата стабилно расте.

Меѓутоа, зголемувањето на цената на парите не оди во полза на пазарот на капитал, кој со години растеше токму благодарејќи на рекордно ниските каматни стапки и зголемената ликвидност, а поради програмите за купување на државните обврзници од страна на американската централна банка во износи од по неколку десетици милијарди долари секој месец.

Бидејќи во декември се очекува зголемување на каматите, вредноста на американскиот долар на валутните пазари достигна овие денови највисоко ниво во последните седум месеци. Меѓутоа, во средата благо ослабе. Претпладнето индексот на американската валута во однос на шесте најважни валути на шесте земји најголеми трговски партнери на САД, се лизна за 0,4 отсто, на 98,90 поени.

Притоа, во однос на јапонската валута доларот се движи околу 122,85 јени, додека во вторникот во истиот период од тргувањето изнесуваше 123,15 јени. И еврото благо зајакна кон американската валута, па неговата цена во средата претпладне е околу 1.0760 долари, дополнително оддалечувајќи се од најниското ниво за повеќе од шест месец од 1,0704 долари на кое се лизна во петокот.

А цените на нафтата и натаму се под притисок, откако беше објавено дека американските резерви на нафта минатата седмица се зголемиле. На американскиот пазар цената на барелот падна за 45 центи, на 43,75 долари, додека на лондонскиот пазар барелот поевтини за 20-ина центи, на 47,20 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП