22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВолстрит во благ раст, вложувачите внимателни

Волстрит во благ раст, вложувачите внимателни

Wall-Street1

На Волстрит во вторникот берзанските индекси благо пораснаа благодарејќи на закрепнувањето на повеќето сектори по остриот пад ден претходно, но се тргуваше претпазливо бидејќи американската централна банка наскоро може да ги зголеми каматите.

Индексот Dow Jones зајакна за 0,16 отсто, на 17.758 поени, индексот S&P 500 за 0,15 проценти, на 2.081 поен, а индексот Nasdaq, пак, се лизна за 0,24 отсто, на 5.083 индексни поени.

Седум од десетте сектори на S&P 500 индексот во вторникот добија на вредноста, а најмногу, за 0,8 отсто, пораснаа цените на акциите на производители на стоки за широка потрошувачка, кои остро паднаа во понеделникот.

Од друга страна, пак, за повеќе од 3 отсто во вторничното тргување падна цената на акцијата на „Apple“, откако аналитичарите во „Credit Suisse“ известија дека овој американски технолошки гигант ги намалил порачките на компонентите за iPhone и до 10 отсто, што укажува на опаѓање на побарувачката за овие паметни телефони.

Инвеститорите се претпазливи и поради тоа што во декември американската централна банка Federal Reserve (Fed) би можела да ги зголеми клучните каматни стапки, што ќе биде првпат од 2006 година. Најголемата светска економија стабилно расте, што во петокот го потврдија и значително подобрите од очекуваните податоци од пазарот на трудот во САД, па е сé поизвесно дека Fed веќе следниот месец ќе ја зголеми цената на парите.

„Можеме да очекуваме продолжување на ваквото претпазливо тргување и следните седмици, бидејќи вложувачите се позицонираат, имајќи ја предвид можноста од зголемувањето на каматите“, вели за Reuters Курт Брунер, портфељ менаџер во фондот Swarthmore Group.

Бидејќи во декември се очекува зголемување на каматите, вредноста на американскиот долар достигна кон кошницата валути од земјите најголеми трговски партнери на САД највисоко ниво во последните седум месеци. Тоа не им оди во прилог на американските мултинационални компании, бидејќи поради тоа слабеат нивните приходи и заработки од странските пазари. Не им оди во прилог ниту забавувањето на растот на кинеската економија, на што укажува и низата последни макроекономски резултати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП