Деновиве излезе од печат рускиот превод на романот „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли.
По иницијатива и во превод на Олга Панкина, наградениот македонски роман го објави издавачката куќа „Рудомино“ од Москва. Романот „Дваесет и првиот“ е објавен како трета книга во рамките на едицијата „Македонскиот роман на 21-виот век“ којшто го замисли и го реализира Панкина.
Според концептот на издавачот, на корицата од рускиот превод на неговиот роман, на предлог од авторот е отпечатена репродукција на сликата „Повик“, дело на современиот македонски сликар Илија Пенушлиски.
Во врска со руската објава на неговата прозна книга, Томислав Османли доби покана да учествува на претстојниот, 17-ти меѓународен Саем на книгата “non/fiction” кој од 25-29 ноември ќе се одржува во Москва, кадешто ќе се појави неговата книга. Совпаѓањето на одржувањето на овој московски саем и на книжевната конференција во Ерусалим на која Османли беше многу порано поканет, го оневозможи престојот на авторот и во Москва на предвиденото саемско претставување на неговиот роман.
Инаку, романот „Дваесет и првиот“, ја предводеше листата македонски романи, во кампања именувана „Десет романи на 21-от век“, која 2012-та година беше претставена на големиот Меѓународен московски саем на книгата.
Преводот е помогнат со средства на Министертвото за култура на Македонија од фондот за поддршка на објави на домашни дела во странство.
Романот “Дваесет и првиот“ на Томислав Османли до сега беше објавен во Хрватска, Црна Гора и Србија.