Последните преговори меѓу Грција и нејзините кредитори за реформите, водени во изминатиот викенд, не доведоа до договор за исплатата на две милијарди евра помош во таа земја.
„Денес нема да биде постигнат договор за исплатата на две милијарди евра за Грција“, изјави неименуван европски извор за Франс прес во пресрет на почетокот на состанокот на министрите на еврозоната и додаде дека преговорите се закочени поради прашањето за конфискација на имотот.
Истиот извор во неделата наведе дека дополнителната ветена сума нема да може да биде исплатена додека не се спроведе „првиот дел од реформите кој е често и најболен“.
Големиот пораст на ненаплатливи кредити во време на финансиската криза, се појави како едно од клучните прашања во преговорите.
Кредиторите наведуваат дека треба да се олесни заплената, односно конфискацијата на имотот, со цел банките да можат да ги исчистат лошите кредити, додека Владата е загрижена дека со тоа голем број на луѓе ќе бидат соочени со директно исфлување на улица.
Левичарската влада на премиерот Алексис Ципрас вети, според договорот со кредиторите од август во вредност од 86 милијарди евра, дека ќе го реформира пензискиот систем и ќе ги расчисти проблематичните кредити, со цел да ги исполни барањата на кредиторите и да добие рата и пристап до фондовите за помош на банките.
Износот од две милијарди евра требаше да биде исплатен во октомври, пред наредната рата на крајот на годината од една милијарда евра.
Министрите за финансии на еврозоната денес ќе го одржат месечниот состанок во Брисел на чиј дневен ред ќе биде Грција.