26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на азиските берзи, доларот зајакна

Пад на азиските берзи, доларот зајакна

berzi-berza-aziski-evropski-amer

На повеќето азиски берзи во претпладневното тргување денес цените на акциите паднаа, додека курсот на американскиот долар порасна, поради верувањата дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) веројатно до крајот на годинава ќе ги зголеми каматите.

На токиската берза индексот Nikkei денес наутро беше во плус од 1,5 отсто, а за толку пораснаа и цените на акциите на берзата во Шангај. Меѓутоа, берзанските индекси во Хонгконг, Сингапур, Јужна Кореја и во Австралија се лизнаа меѓу 0,1 и 1,5 отсто, па MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонските, денес претпладне беше во минус за 0,8 отсто.

Во Токио цените на акциите пораснаа четврти ден по ред, бидејќи поттикнувачки на вложувачите влијае растот на курсот на доларот во однос на јенот. Слабеењето на јапонската валута, имено, позитивно влијае врз конкурентноста на јапонските производи на светскиот пазар.

И во Шангај цените на акциите пораснаа поради надежите на инвеститорите на нови мерки за поттикнување, за да се направи пресврт во трендот на забавување на растот на втората според обемот светска економија.

Меѓутоа, на другите пазари берзанските индекси денес претпладне паднаа, бидејќи е сé поверојатно дека американската централна банка до крајот на годинава ќе ги зголеми клучните каматни стапки, првпат по 2006 година. Минатата седмица челничката на Fed, Џенет Јелен, изјави дека очекува продолжување на заздравувањето на американската економија.

А таквите трендови ги потврдија и податоците според кои во САД во октомври биле отворени 271.000 нови работни места, значително повеќе од 180.000 колку што се очекуваше. Притоа стапката на невработеност паднала од 5,1 на 5,0 отсто, што е најниското ниво во последните седум ипол години.

По извештајот за вработувањето, движењето на американските термински каматни стапки покажува дека трговците сметаат оти постојат 70 отсто шанси дека Fed во декември ќе ги зголеми каматите, додека пред минатонеделниот извештај изгледите за тоа изнесуваа 58 отсто.

„Бидејќи Јелен кажа дека зголемувањето на каматите е можно во декември, и бидејќи податоците за вработувањето се силно, до крајот на годинава може да се очекува зголемување на каматите“, вели во анкетата на Reuters Ивен Лукас, стратег во компанијата IG.

Поради тоа, пак, на валутните пазари доларот од петокот е во подем, па во понеделникот утрото неговиот индекс кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на кошницата шест најважни светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, се движи на највисокото ниво во последните седум месеци, од 99,34 поени.

Притоа курсот на доларот во однос на јапонската валута достигна 123,46 јени, највисокото ниво во последните два ипол месеца, додека во петокот на затворањето на тргувањето изнесуваше 123,15 јени. Во односот, пак, на европската валута, доларот е стабилен, па цената на еврото се движи околу 1,0740 долари, како и во петокот на крајот од трговскиот ден.

Цените на нафтата се стабилизираа по остриот пад во петокот, предизвикано со јакнењето на доларот. Во понеделникот претпладнето на американскиот пазар цената на барелот порасна за 04, отсто, на 44,50 долари, додека во петокот потона за повеќе од 2 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП