Во светот бројот на луѓето коишто живеат во крајна сиромаштија ќе се зголеми до 2030 година за 100 милиони луѓе, доколку ништо не се преземе во врска со намалувањето на климатските промени, а најмногу со промените на климата ќе бидат погодени токму најсиромашните делови на светот, субсахараска Африка и јужна Азија, предупреди во извештајот од неделата Светската банка.
Во извештајот се наведува дека во искоренувањето на сиромаштијата покрај работата на развојот, потребно е апсолутно да се земе предвид факторот на климатските промени и, меѓу другото, помошта на луѓето успешно да им се спротистават на климатските шокови, така што ќе го развиваат системот на рано предупредување на можните катастрофи и воспоставувањето ефикасна заштита од поплави и да развијат посеви отпорни на високите температури. Истовремено, се истакнува во извештајот, треба да се засилат и забрзаат напорите во намалувањето на емисијата на штетните гасови.
„Способни сме да ја искорениме крајната сиромаштија дури и со климатските промени, но за да успееме во тоа, прашањето на климата мора да се интегрира во работата на развојот. И ќе мора да дејствуваме многу брзо, бидејќи како што расте влијанието на климатските промени, така растат и тешкотиите и трошоците за искоренувањето на сиромаштијата“, се истакнува во извештајот на Светската банка.
Негативните последици особено би се одразиле врз африканскиот континент, каде што климатските промени би можеле до 2030 година да придонесат за скок на цените на храната за 12 отсто. На удар, исто така, е и јужна Азија, а во Индија поради климатските промени дополнителни 45 милиони луѓе би можело да завршат во крајна сиромаштија, што значи со приходи од помалку од 1,90 американски долари дневно.