26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКанческа-Милевска: Македонија ја продолжува соработката со УНЕСКО

Канческа-Милевска: Македонија ја продолжува соработката со УНЕСКО

канческа-милеска

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во рамките на работната посета на Франција, во четвртокот во седиштето на УНЕСКО во Париз имаше свое официјално обраќање на 38-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО, која од 3-ти до 18-ти ноември се одржува во француската метропола.

Канческа-Милевска, која е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО и шеф на македонската делегација, пред присутните нагласи дека Владата на Република Македонија обрнува големо внимание на соработката со Организацијата и настојува да воспостави активна и конструктивна соработка со другите држави-членки на УНЕСКО.

„Сите проекти кои досега ги реализиравме со УНЕСКО дадоа силен импулс во афирмацијата на универзалните вредности на Република Македонија и отворија можности во програмите и иницијативите на УНЕСКО масовно и активно да се вклучат институциите, експертите и младите потенцијали од нашата држава“, подвлече министерката за култура.

Таа информираше и за позначајните активности кои во изминатиот период се реализираа заедно со УНЕСКО, меѓу кои се и отворањето на Центарот за дигитализација на културното наследство, прогласувањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје како Центар на УНЕСКО од втора категорија, отворањето на двете катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања и Школата за медиуми, основањето на повеќе клубови на УНЕСКО, вклучувањето на неколку училишта од РМ во мрежата на УНЕСКО на „Здружени училишта“, како и впишувањето на две културни добра на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

Одржувањето на 38-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО годинава е во знакот на одбележувањето на големиот јубилеј – 70 години од востановувањето на оваа еминентна организација на Обединетите нации. Канческа-Милевска пред присутните го истакна и придонесот на Република Македонија како членка во Извршниот одбор на УНЕСКО, која во изминативе 4 години доследно се залагаше за зајакнување на меѓународната улога на УНЕСКО, унапредување на традиционалната соработка со сите држави-членки, ефикасност во работата и стимулирање на интелектуалниот и на материјалниот потенцијал со кој располага оваа организација.

„Владата на РМ беше и е целосно посветена на процесот на меѓуцивилизацискиот дијалог, приближување на различните култури преку остварување заемна соработка и комуникација за кои се залага и УНЕСКО. Во оваа насока, почнувајќи од 2007 година досега, во соработка со УНЕСКО, организиравме три светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог на кои низ особено плодна дискусија и преку размена на искуства и сознанија, претставниците на сите светски религии, експертите, еминентните членови на меѓународните организации уште еднаш го потврдија фактот дека културата и религијата се најмонолитните фактори на мирот, соживотот, просперитетот и благосостојбата. Со задоволство ќе ве информирам дека РМ, следната 2016 година, ќе биде домаќин и на 4-тата конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог“, истакна Канческа-Милевска.

Министерката за култура Канческа-Милевска, која е претседател на Националната комисија за УНЕСКО, во текот на утрешниот ден е предвидено да оствари и официјална средба со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, на која ќе се разговара за досегашната соработка и за идните активности меѓу Република Македонија и УНЕСКО.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП