Цената на нафтата се задржа во средата на светските берзи над ниво од 50 долари, поттикната од загриженоста за снабдувањето од Либија и Бразил и склоноста на инвеститорите кон ризик во очекување на нови поттикнувачки мерки.
На лондонската берза цената остана речиси непроменета во однос на претходното затворање и изнесуваше 50,50 долари. Вчера тргувањето го заврши во плус 1,75 долари. Позначителни промени во цената немаше ниту на американската берза каде со барелот се тргува по 47,93 долари. Вчера тргувањето го заклучи во плус 1,76 долари.
Вчера нафтените пазари ги катапултираше штрајкот во бразилската државна нафтена компанија Petrobras и затворањето на терминалот за извоз на нафта во Либија и нафтоводот Colonial Pipeline во САД поради поплава.
Поради штрајкот во Petrobras бразилското дневно производство е намалено за една четвртина.
Дополнително инвеститорите ги охрабри и податокот дека активностите во кинескиот услужен сектор во октомври пораснале најсилно за последните три месеци благодарение на засилениот прилив на нови нарачки, покажуваат најновите истражувања.