Вкупно 107 проекти со вредност од околу 2,2 милиони евра во 2015-та година се финансирани од државниот Буџет преку Програмата за рамномерен регионален развој, посочи вицепремиерот Владимир Пешевски на прес-конференција, денеска, по завршување на петнаесетата седница на Советот за рамномерен регионален развој.
Околу една третина од проектите, се проекти за подготовка на елаборати, техничка и проектна документација како и физибилити студии за проекти со повеќекратно поголема вредност, за кои понатаму регионите или општините обезбедуваат средства од други извори на финансирање, преку европските фондови, Светската банка или Европската банка за поддршка на развојот, преку општински буџети, концесии или преку јавно приватно партнерство.
На денешната Петнаетта седница на Советот за рамномерен регионален развој доделени се вкупно 42 милиони денари за 44 проекти за рамномерен регионален развој, од кои 30 милиони добиени со ребаланс на буџетот и дополнителни 12 милиони коишто се заштедени во процесот на избор на изведувачи на проектите од првиот повик.
„Во Предлог буџетот за 2016-та година планирано е средствата само за оваа програма да бидат двојно повисоки од годинешните и да изнесуваат 300 милиони денари или околу 5 милиони евра“, рече вицепремиерот Пешевски.
На новинарско прашање кои се проектите кои се најважни и се спроведуваат преку Програмата за рамномерен регионален развој, вицепремиерот Пешевски рече дека најголемиот дел од проектите се со приближно иста вредност, а од вкупниот број на проекти, преку 60 отсто се инфраструктурни проекти кои подразбираат проектирање и изведба локални улички, фекална и водоводна инфраструктура, проектирање и реконструкција на објекти во општините, а голем дел од нив претставуваат подготовка за реализација на проекти кои што се од суштинско значење за граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани, рече дека буџетот за програмата за рамномерен регионален развој од година во година е се повисок и ако во 2013-та изнесуваше околу 30 милиони денари, во 2014-та околу 60 милиони, оваа година е над 130 милиони, додека во 2016-та ќе биде околу 300 милиони денари, со што се покажува дека Владата е посветена за рамномерниот регионален развој.
Тој истакна дека во собраниска постапка се и измените на Законот за рамномерен регионален развој со што ќе се подобри ефикасноста на Центрите за поддршка на регионалниот развој и ќе се обезбеди нивно соодветно финансирање и функционирање.
Програмата за рамномерен регионален развој се спроведува од 2009-та година и со неа досега се финансирани над 400 проекти.