22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрезентирани подготовките на Македонија за климатскиот самит во Париз

Презентирани подготовките на Македонија за климатскиот самит во Париз

животна-средина

Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, амбасадорката на Франција Лоренс Оер и постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон на средбата со новинарите во вторникот ја најавија министерската конференција: „Кон климатскиот самит во Париз 2015, предизвици за државите членки на ЦЕИ“, која ќе се одржи во Скопје, во петок, на 6-ти ноември, како дел од активностите кои МЖСПП и Република Македонија и нивните меѓународни и домашни партнери, ги преземаат пред престојниот меѓународен самит во Париз во декември.

„Од конференцијата, во високиот сегмент се очекува, преку презентирање на ткн ‘Соодветни национални придонеси за намалување на климатските промени’, да дојдеме до заеднички заклучоци за начините за постигнување синергии меѓу климатските, енергетските и другите политики на регионално ниво. Како главен резултат се очекува усвојување на заедничка Декларација со која ќе се изрази заедничката подготвеност за соработка во насока на постигнување на ткн ‘позелен’ раст за регионот на ЦЕИ“, изјави по министерот Изаири.

Конференцијата е на иницијатива и во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, потпомогната е од нашите интернационални и домашни партнери, и е во рамките на претседавањето на Република Македонија со Централно-европската иницијатива (ЦЕИ).

„Со цел да се постигне глобално утврдената цел за зголемување на температурата под 2 Целзиусвои степени до крајот на векот, покрај тоа што е неопходно усвојување на меѓународен обврзувачки договор кој ќе биде применлив за сите земји најдоцна до 2015 година и да стапи на сила до 2020 година, ќе биде потребна и одговорна реализација на преземените обврски што подразбира ангажман и соработка со сите важни чинители“, додаде министерот Изаири.

На пресот, амбасадорката Оер го истакна значењето на климатскиот самит во Париз 2015, како и подготвеноста на владата на Франција како домаќин успешно да организира и да овозможи постигнување на досега најамбициозен глобален Договор за намалување на емисиите на штетни гасови во атмосферата.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Винтон, пак, ја нагласи ранливоста на Македонија на климатските промени, истакнувајќи дека УНДП ќе продолжи да ја помага подготовката на завршните извештаи за климатски промени кои нашата држава има меѓународна обврска да ги изготвува секоја година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП