
Кредиторите во сенка, како инвестициските фондови, водат кога станува збор за зголемувањето на финансискиот имот во еврозоната, покажува најновиот извештај на Европската централна банка (ЕЦБ).


Кредиторите во сенка, како инвестициските фондови, водат кога станува збор за зголемувањето на финансискиот имот во еврозоната, покажува најновиот извештај на Европската централна банка (ЕЦБ).
Една од причините е што традиционалните банки по финансиската криза се посветија на крпење на билансите.
„Изминатите неколку години, растот на вкупниот финансиски имот во еврозоната го придвижуваа главно небанкарските финансиски ентитети, а вкупниот имот во банкарскиот сектор закрепна на ниво, кое последен пат е видено во 2008 година“, се констатира во извештајот на ЕЦБ, пренесува агенцијата Ројтерс.
Неконвенционалните кредитори опфаќаат инвестициски фондови на пазарот на пари, како и останатите видови небанкарски финансиери. Минатата година нивниот финансиски имот во еврозоната достигна вредност од 23.000 милијарди евра, што е 38 проценти од вкупниот финансиски имот во зоната на единствената европска валута и претставува значителен скок во однос на 33-процентниот од 2009 година.
Во истиот период, уделот на кредитните институции во финансискиот имот на еврозоната опадна од 55 на 48 отсто.
„Банкарскиот сектор во сенка е се поважен извор на финансирање во економијата на еврозоната. Ентитетите во нестандардниот кредитен сектор имаат исто така важна и се позначајна улога во небанкарското кредитно посредување и исто така се важни добавувачи на банкарското финансирање“, се заклучува во извештајот.