На Волстрит во четвртокот цените на акциите благо паднаа, бидејќи вложувачите беа поколебани од анемичните квартални деловни резултати и забавувањето на растот на американската економија.
Индексот Dow Jones падна за 0,13 отсто, на 17.755 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,04 проценти, на 2.089 поени, а, индексот Nasdaq, пак, ослабе за 0,42 отсто, на 5.074 индексни поени.
Претпазливоста на вложувачите е последица на податоците дека американскиот бруто домашен производ (БДП) во третиот квартал од годнава пораснал за 1,5 отсто на годишно ниво, помалку од очекуваните ниски 1,6 проценти и значително побавно во однос на 3,9-процентниот раст во однос на претходното тримесечје.
Само ден претходно цените на акциите на Волстрит силно порасна, бидејќи инвеститорите од пораката по дводневната седница на челниците на американската централна банка Federal Reserve (Fed) дека во декември е можно зголемување на клучните каматни стапки, заклучија дека челниците се уверени оти растот на американската економија е доволно силен да го издржи зголемувањето на каматите.
Податоците за БДП-то го доведуваат во прашање овој заклучок, иако многу аналитичари сметаат дека забавувањето на растот на американската економија е привремен и дека во четвртиот годинешен квартал може да забрза. „Падот на залихите во изминатиот квартал е добар знак, бидејќи во идното тримесечје компаниите може побрзо да ги пополнуваат резервите, што поттикнувачки би делувало на БДП-то“, вели Џим Бејрд, директор во компанијата „Plante Moran Financial Advisors“.
Поттикнувачки на економијата би требало да влијае и силната потрошувачка во САД, но од друга страна, пак, неизвесно е каква ќе биде побарувачката во светот, имајќи го предвид забавувањето на растот на глобалната економија и високиот курс на американскиот долар, поради што американските производи стануваат помалку конкурентни на странските пазари.
Уште доколку Fed во декември навистина ги зголеми каматите, што би можело дополнително да го поттикне растот на курсот на доларот, но и да ги потресе земјите во развој, на коишто ќе им порасне цената на задолжувањето, неизвесноста ќе биде поголема.
Оттаму, инвеститорите во четвртокот беа претпазливи, за што придонесоа и послабите од очекуваните квартални деловни резултати на компаниите и повторниот пад на цените на нафтата и сировините.
Иако деловните резултати не одушевуваат, сепак поради ниско поставените прагови тие се подобри од очекуваните со што ги поддржуваат пазарите на акции. Откако околу 60 отсто компании од составот на S&P 500 индексот ги објавија финансиските извештаи, аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека нивната добивка во изминатиот квартал изнесувала 1,7 отсто помалку отколку во истиот лански период. А тоа е помала заработка во однос на 4-те отсто, колку што се очекуваше пред десетина дена.