Американската централна банка ФЕД ја задржи клучната каматна стапка на рекордно ниско ниво од 0 до 0,25 проценти.
ФЕД наведува дека економијата на САД напредува, иако со скромно темпо, благодарение на домашната потрошувачка и деловните инвестиции.
ФЕД наведе дека исклучително ниската инфлација и слабоста на глобалната економија и понатаму претставуваат закана за економските активности на САД, пренесува агенцијата Франс прес.
Официјалните лица укажаа и на фактот дека темпото на вработување забавило, но не изнесоа детали за евентуалното зголемување на каматните стапки во брзо време. Слабиот економски извештај принуди бројни аналитичари да прогнозираат дека до зголемување на каматата нема да дојде пред март 2016 година.
ФЕД ја намали клучната каматна стапка на сегашното ниво во текот на Големата рецесија во 2008 година, со цел поттикнување на кредитирањето и потрошувачката за зајакнување на економијата.
Клучната каматна стапка во САД значително влијае на каматните стапки ширум светот, а шпекулациите за нејзиното движење во изминатите месеци доведоа до турбуленции на глобалните пазари.