На Волстрит во вторникот цените на акциите благо паднаа втор ден по ред, поради внимателноста на вложувачите пред пораките од седницата на челниците на американската централна банка Federal Reserve (Fed), но и поради послабите од очекуваните квартални деловни резултати на неколку американски компании.
Во таква атмосфера, индексот Dow Jones падна за 0,24 отсто, на 17.581 поен, индексот S&P 500 се лизна за 0,26 проценти, на 2.065 поени, додека индексот Nasdaq ослабе за 0,09 отсто, на 5.030 индексни поени.
Најмногу во вторникот, за 2,6 отсто, потона Dow Jones индексот на транспортниот сектор, бидејќи инвеститорите беа разочарани од кварталните деловни резултати на „JetBlue Airways“, што предизвика и пад на цените на кациите на другите воздухопловни превозници.
Меѓу најголемите губитници во вторникот беше и акцијата на автомобилскиот гигант „Ford“, со пад на цента од 5 отсто, бидејќи деловните резултати беа под очекувањата на аналитичарите.
Од десетте сектори на S&P 500 индексот, само два во вторникот добија на вредноста. Притоа S&P индексот на здравствениот сектор порасна за 1,7 отсто, благодарејќи на подобрите од очекуваното деловни резултати на фармацевтските гиганти „Pfizer“ и „Merck“.
Освен анемичните деловни резултати на компаниите, инвеститорите се претпазливи и поради тоа што започна дводневната седница на челниците на американската централна банка. Иако не се очекува дека Fed ќе ги зголеми клучните каматни стапки, бидејќи ситуацијата во светската економија е нестабилна, аналитичарите велат дека пазарите може да реагираат на пораките како банката ја согледува ситуацијата во американската и во глобалната економија.