2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНафтени компании со фалсификувани фактури од Окта заработиле над 500.000 евра

Нафтени компании со фалсификувани фактури од Окта заработиле над 500.000 евра

финансиска-полиција

Управата за финансиска полиција по добиени оперативни сознанија за сторен финансиски криминал, откри разработена шема за празнење на државниот буџет, преку поврат на данокот на додадена вредност (ДДВ) со употреба на фалсификувани фактури за наводна набавка на нафта од „Рафинеријата Окта“ од Скопје.

Главен организатор на криминалната група е сопственик и управител на фирмата „Марели-Импекс“ ДООЕЛ од Скопје и овластен потписник на банкарските сметки на правниот субјект ЗД „Петрол“ ЛТД ДООЕЛ Скопје.

Првопријавениот во својство на управител, сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на правниот субјект „Марели-Импекс“ ДООЕЛ Скопје и овластен потписник на банкарските сметки на правниот субјект ЗД „Петрол“ ЛТД ДООЕЛ Скопје, во периодот 2011-2015 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист, во сметководството на фирмите употребил фалсификувани фактури за наводно извршени набавки на нафта од скопската рафинерија „Окта“.

Финансиската полиција кај дел од осомничените изврши претрес на дом, деловни простории и возила при што се пронајдени бланко фактури со печати од една од фирмите кои учествувале во „нафтениот бизнис“ како и 15 фалсификувани фактури наводно издадени од „Рафиеријата Окта“ од Скопје на правното лице „Марели-Импекс“ ДООЕЛ Скопје, во вкупен износ од 369.000 евра со вкалкулиран ДДВ и 28 фалсификувани фактури во вкупен износ од 1.015.000 евра со вкалкулиран ДДВ, исто така, со логото и меморандумот на „Рафинеријата Окта“ од Скопје, наводно издадени на правниот субјект ЗД Петрол ЛТД ДООЕЛ Скопје.

Првопријавениот Р.В (47) свесен дека разработената криминална шема за брзо и лесно богатење на сметка на државната каса нема да биде во можност да го реализира само преку неговата фирма „Марели-Импекс“ ДООЕЛ Скопје која била презадолжена и не била ликвидна за натамошни кредитни оптоварувања, во криминалната игра ја вклучил и ЗД „Петрол“ ЛТД ДООЕЛ Скопје фирма во сопственост на неговиот пријател и бизнис партнер кој подолг период е на привремена работа во странство.

Управата за финансиска полиција во насока на целосно расчистување и документирање на случајот, изврши проверки и во „Рафинеријата Окта“ во Скопје при што во целост се потврди сомневањето за сторен финансиски криминал од страна на првопријавениот. При проверка во интерниот електронски систем на „Окта“ утврдено е дека купувачи со такви називи на фирми не постојат и дека со истите никогаш рафинеријата немала деловни односи. Воедно при контролата во „Рафинеријата Окта“ утврдено е дека меморандумот на кои се изготвени сомнителните фактури не одговара на образецот кој се користи од страна на „Окта“во годината на која се однесуваат истите. Употребениот меморандум „Окта“ го употребувала во 2008, 2009 и 2010 година, а по 2010 година истиот содржински е изменет и не одговара на оној кој е употребен од страна на пријавениот.

Истрагата на Финансиската полиција покажа дека и потписот на одговорното лице од Рафинеријата е фалсификуван, фалсификуван е и печатот кој е употребен на фактурите а се разбира за да се затскрие криминалната шема, фалсификувани се и сите испратници на кои како транспортери на наводно набавената нафта евидентирани се непостоечки камиони и возачи.

Во шемата за лесно богатење и прикривање на криминалот се вклучил и сметководителот на „Марели-Импекс“ ДООЕЛ и ЗД „Петрол“ ЛТД ДООЕЛ, кој иако бил свесен дека нема нафта набавена од „Рафинеријата Окта“, преку неговото сметководствено биро, на главниот организатор му помагал во изготвување на огромен број на цесии, компензации и асигнации со разни коминтенти се со цел губење на трагите од нафтата која впрочем никогаш и не била набавена.

Организаторот на криминалната шема веднаш откако е разоткриен во неговите финансиски малверзации, нелегално ја напуштил земјата и сé уште е недостапен за органите на прогонот, заради што по истиот ќе биде распишана меѓународна потерница.

Финансиската полиција поради постоење на сомневање за финансиски криминал и кај поголем дел од коминтентите на двете осомничени фирми, превзема дополнителни активности за проверка на поголем број сомнителни финансиски трансакции што овие фирми ги имале со сега пријавените.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП