22 април, 2025
ПочетнаКУЛТУРААктерот Петар Темелковски со монодрамата „Јане Сандански 100 години после“ пред прилепската...

Актерот Петар Темелковски со монодрамата „Јане Сандански 100 години после“ пред прилепската публика

100години

Актерот Петар Темелковски во среда во кино Мис Стон во Прилеп ќе ја изведе монодрамата „Јане Сандански 100 години после“.

Гостувањето во Прилеп со монодрамата е затоа што Темелковски вели дека сака прилепската публика да ја види претставата која е посветена на Сандански, кој загина точно пред 100 години во 1915 година, предаден и убиен на пат кон Неврокоп.

„Поводот што се зафатив со монодрамата за Јане Сандански е годишнината од неговото подмолно убиство. Од архивските материјали што ги имав на располагање за подготовка на претставата видов дека станува збор за многу маркантна фигура на македонското национално и револуционерно дело“, вели актерот Петар Темелковски

Монодрамата се однесува само на периодот од поделбата на Македонија до смртта на Сандански и не претставува само сувопарна хронологија на историски настани затоа што актерот во неа внел свои коментари поради кои добива емотивен пристап и поетична димензија.

Покрај улогите во многу македонски театарски претстави и филмови, Темелковски, кој е уметнички директор на МТФ,,Војдан Чернодрински,, во Прилеп, до сега има изведено и повеќе монодрами со адаптирани текстови од Никола Јонков Вапцаров, Кочо Рацин, Видое Подгорец, Славко Јаневски, Јордан Плевнеш, како и монодрами кои биле посветени на личности како Филип Втори, Свети Апостол Павле и Јустинијан Први.

„Се чувстував повикан да работам монодрами и тоа повеќе со национална тематика, историска содржина и моќна порака за разбудување на националните чувства за Македонците да разберат колкава била цената за нашата слобода која и денес упорно некој сака да ни ја узурпира“,вели Темелковски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП