26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит пад на акциите на нафтените гиганти и на Apple

На Волстрит пад на акциите на нафтените гиганти и на Apple

wall str3020

На Волстрит во понеделникот индексите Dow Jones и S&P 500 благо паднаа, по силниот раст минатата седмица, а под најголем притисок беа акциите на енергетскиот сектор и на информатичкиот гигант Apple.

Индексот Dow Jones ослабе за 0,13 отсто, на 17.623 поени, индексот S&P 500 за 0,19 проценти, на 2.071 поен, додека индексот Nasdaq, пак, зајакна за 0,06 отсто, на 5.034 индексни поени.

Најмногу во понеделникот, за 2,5 отсто, потона S&P индексот на енергетскиот сектор, бидејќи цените на нафтата се најдоа под притисок по вестите дека капацитетите за складирање на САД речиси се пополнети, што укажува дека понудата и натаму е поголема од побарувачката. Притоа цената на акцијата на „Exxon Mobilе“ падна за 2,1 а на „Chevron“ за 2,7 отсто.

Остро, за 3,2 проценти падна и цената на акцијата на „Apple“, пред објавата на кварталните деловни резултати на овој технолошки гигант подоцна во вторникот. Еден од добавувачите на компанијата, „Dialog Semiconductor“, во понеделникот ја намали процената за натамошното работење, што би можело да биде најава дека „Apple“ ќе извести за послаби резултати од оние кои се очекуваат.

Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека најголемата светска компанија според пазарната вредност во третиот годинешен квартал остварила приходи од 51 милијарда долари, или 21 отсто повеќе во однос на истиот лански период.

Деловните резултати на технолошките гиганти, како „Microsoft“, „Amazon“ и „Alphabet“, новата холдинг компанија на „Google“, минатата седмица ги одушевија инвеститорите, па технолошкиот сектор беше меѓу најголемите добитници. Но доколку резултатите на „Apple“ разочараат, може да дојде до промена на играта, велат аналитичарите.

Во досегашниот дел од сезоната на објавувањето на кварталните деловни резултати на американските компании, повеќето остварија подобри резултати отколку што се очекуваше, Поради тоа аналитичарите ги подобрија процените за работењето, иако и натаму очекуваат пад на заработките.

Откако 35 отсто од компаниите од составот на S&P 500 индексот ги објавија извештаите, во новата анкета на Reuters се проценува дека во третото тримесечје заработките на компаниите ќе бидат за 2,8 отсто помали отколку во истиот лански период, додека на почетокот од минатата седмица се очекуваше пад на заработките од 4 отсто.

Слабоста на заработките и приходите е последица од високиот курс на американскиот долар, што му штети на работењето на американските мултинационални компании во странство, и слабоста на побарувачката поради забавувањето на растот на глобалната економија. Вложувачите се претпазливи и поради тоа што во вторникот започнува дводневната седница на челниците на американската централна банка. Иако големо мнозинство аналитичари не очекуваат дека банката ќе ги зголеми клучните камати, поради слабоста на светската економија, пораките од централната банка би можело значително да влијае врз насоката на пазарите.

По остриот пад на цените на акциите во третиот квартал, од почетокот на октомври S&P 500 индексот зајакна за речиси 8 отсто. „Тоа е силен подем, па не зачудува што инвеститорите се претпазливи и што следеше консолидација на пазарите“, вели рик Меклер, претседател на фондот „LibertyView Capital Management“.

На претпазливоста на вложувачите укажува и слабиот обем на тргување. На американските берзи во понеделникот сопствениците ги сменија 6,1 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена изнесуваше 7,3 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП