Ривалитетот на глобалниот пазар на оружје значително се заостри, а руската наменска индустрија се соочува со нелојалната конкуренција од Западот, изјави рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот на отворањето на комисијата за воено-техничка соработка со странство, пренесуваат руските медиуми.
„Конкуренцијата на светскиот пазар на вооружување и воена техника последните години значително се заостри, иако отсекогаш оваа сфера била и останува доста конкурентна. Тоа го почувствуваа и руските компании од одбранбената индустрија, кои во тековната година се соочија со нелојална конкуренција на некои западни компании и земји. Работата во услови на политички мотивирани санкции, се разбира, е двојно потешка“, изјавил Путин истовремено истакнувајќи дека ваквата ситуација не е особеност само за одбранбената индустрија.
Рускиот челник, исто така, рекол дека портфолиото на нарачки на воено-индустрискиот комплекс надминува 50 милијарди долари, со што до 1-ви октомври се остварени 70 отсто од плановите.
„Русија продолжува да ја зајакнува соработката со другите земји во воено-техничката област. Портфoлиото на нарачките на нашите компании убедливо надминува 50 милијарди долари. Се исполнуваат обврските кон странските партнери во договорените рокови и со неопходниот квалитет“, рекол Путин.
Притоа истакнал дека се реализира програмата за замена на увозниот удел во руската одбранбена индустрија, којашто е под западните санкции пореди украинската криза. „Руските производители стануваат сé помалку зависни од доставувањето на увозната компонента. Накусо, нашите извозници на производството од одбранбениот сектор со што ја потврдуваат репутацијата на одговорни партнери“, истакнал Путин.