9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи растат, еврото под 1,10 долари

Азиските берзи растат, еврото под 1,10 долари

aziski-berzi

На азиските берзи во понеделникот претпладнето цените на акциите пораснаа, благодарејќи на натамошното олабавување на монетарната политика во Кина, додека курсот на еврото е под притисок, па во еден момент потона под 1,10 долари.

На Токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во плус од 0,8 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај, Хонгконг и Сингапур пораснаа меѓу 0,1 и 0,7 отсто. Оттаму, MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонските, во понеделник претпладне беше во позитива од 0,5 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво од 12-ти август, што значи дека ги надоместил речиси сите загуби откако пазарите беа потресени со девалвацијата на кинескиот јуан.

Позитивно на пазарите во понеделникот претпладнето влијаеше одлуката на кинеската централна банка од петокот попладнето за намалување на каматните стапки, веќе по шести пат од ноември минатата година. Клучната каматна стапка е симната за 0,25-процетни поени, на 4,25 отсто, а повторно беше намалена и стапката за издвојување на задолжителните резерви на банките, за да се поттикне кредитирањето и растот на економијата во Кина.

И покрај тоа, цените на акциите во Шангај, ткн кинеските континентални берзи, пораснаа само умерено, бидејќи вложувачите се претпазливи поради забавениот раст на втората според обемот светска економија.

„Инвеститорите во Кина се претпазливи. Од почетокот на октомври цените на акциите значително пораснаа, па некои се одлучија да ја повлечат добивката од пазарите“, вели во анкетата на Reuters Наоки Таширо, претседател на компанијата „TS China Research“.

Кинеските инвеститори се воздржани и поради тоа што во понеделникот започна седницата на Централниот комитет на Кинеската комунистичката партија, на која ќе биде донесен петгодишниот економски план. Пред седницата, премиерот Ли Кечијанг порача дека владата не рекла дека растот на економијата оваа година мора да биде 7 отсто.

Тоа на пазарите е протолкувано како можност дека тоа е порака оти целеното ниво на раст оваа година нема да биде постигнато. Уште повеќе што еден функционер на централната банка во саботата порача дека следните години растот на кинеската економија ќе се движи меѓу 6 и 7 отсто.

Позитивно на азиските пазари, пак, влијаат надежите дека челниците на јапонската централна банка во петок дополнително ќе ја олабават монетарната политика, поради ниската инфлација и можната рецесија во третата по големина светска економија.

„Јапонската економија е послаба отколку во август и нема сигнали за закрепнување. Оттаму, пазарите очекуваат дополнителни поттикнувачки мерки од јапонската централна банка“, коментира Такеду Огихара, стратег во „Mizuho Trust Bank“.

Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе биде и дводневната седница на челниците на американската централна банка во вторник и среда. Меѓутоа, не се очекува дека ќе ги зголеми клучните каматни стапки, бидејќи ситуацијата во светската економија е нестабилна. Тоа значи дека ниската цена на парите уште извесно време ќе го поддржува пазарите на капиталот.

И додека берзанските индекси растат, цените на нафтата не успеваат да закрепнат, бидејќи понудата, како што стравуваат трговците, и натаму е поголема од побарувачката.

Откако минатата седмица потона за повеќе од 5,5 отсто, во понеделникот претпладне цената на барел сирова нафта на американскиот пазар се движи околу 44,70 долари, во близина на најниската цена од 44,20 долари, на која се симна во петокот.

На лондонскиот пазар, пак, барелот нафта во понеделникот утрото поскапе за 15 центи, на 48,15 долари.

А откако минатиот четврток Европската централна банка (ECB) порача дека е можно натамошно олабавување на монетарната политика, па дури и зголемување на негативните камати на депозитите на банките, еврото на валутните пазари е под притисок.

Во петокот, првпат во историјата, приносите од италијанските и од шпанските обврзници се лизнаа во негативната зона, додека приносите од германските обврзници потона уште подлабоко во негативата. Тоа практично значи дека сопствениците на обврзниците плаќаат за да ги држат во своите портфељи, па затоа и слабее привлечноста на европската валута.

Поради тоа во понеделникот претпладнето курсот на еврото потона на 1,0989 долари, најниското ниво во последните два ипол месеци. Сепак, подоцна се врати над границата од 1,10 долари. Американската валута, пак, истовремено осцилира во однос на јапонската. Така во еден момент доларот достига до 121,60 јени, највисокото ниво од крајот на август, за подоцна да падне на 121,10 јени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП