22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Македонија направи многу промени за подобрување на бизнис климата

Груевски: Македонија направи многу промени за подобрување на бизнис климата

madrid gurjo

Премиерот Никола Груевски, заедно со економскиот тим од Владата во чиј состав е вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Горан Мицковски, денеска учествуваа на бизнис форум кој се одржа во Мадрид.

Бизнис форумот беше организиран во соработка со Стопанската комора за трговија, индустрија и услуги на Мадрид и пред деведесет претставници на компании од Шпанија беа презентирани можностите и потенцијалите за инвестирање и водење на бизнис во Република Македонија.

Груевски посочи дека едни од главните предности кои ги има направено Република Македонија во последните неколку години, а се важни за водење на бизнис, се промените во бизнис климата каде што има значително подобрување.

„Македонија е држава со исклучително ниски трошоци за правење на бизнис, држава која што ги намали во голема мера бирократските процедури за водење на бизнис, во таа насока го спроведовме и проектот регулаторна гилотина во соработка со стопанските комори и приватните компании при што елиминиравме илјадници бирократски процедури во полза на компаниите и домашните и странските“, истакна Груевски.

Премиерот Никола Груевски изјави дека според најновиот извештај за глобална конкурентност на Светскиот економски форум за 2015 – 2016 година, Република Македонија има најниски даноци во светот со вкупна ефективна даночна стапка од 7.4 отсто и е единствена земја од 140 економии со стапка пониска од 10 проценети.

Груевски посочи дека се направени реформи во целокупната сфера на водењето бизнис и според Светската банка денес Република Македонија е на првото место според квалитетот и услуги кои ги дава Централниот регистар во Европа и шеста во светот. Исто така во Македонија може да се регистрира компанија од било кое место во светот за 4 часа, без почетни трошоци, истакна Груевски.

Според македонскиот премиер, она што е важно е што голем број на глобални компании ја одбраа Македонија како нивна бизнис дестинација и изградија капацитети, тргнувајќи од американската компанија Џонсон Контролс, англиската глобална компанија Џонсон Мети, Диатек и Технокозе од Италија, Амфенол од Америка, Ванхул од Белгија, Гришко од Русија, Дрекслермаер, ОДВ, Техникал Текстајл и Кромберт и Шуберт од Германија, Леар, Капкон и повеќе други. Груевски изјави дека сето ова помогна за намалување на невработеноста достигнувајќи досега најниско ниво од 26.8 отсто.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека Македонија има навистина што да каже во однос на подобрувањата што ги има направено и во бизнис климата и во условите за водење на бизнис и привлекување на инвестиции и дека сето ова останува забележано од голем број на држави и компании кои веќе инвестираат во Македонија.

„Иако има неколку компании капитално врзани со Шпанија сметаме дека има простор за многу повеќе да се направи и токму тоа беше целта на нашето денешно присуство. Јас верувам дека долгорочно ова е еден од првите чекори кои ќе почнат да даваат резултати. Имаме закажано и повеќе одделни средби со компании и се надевам дека сето тоа ќе вроди со плод, носење на инвестиции и отворање на нови работни места со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните, изјави Пешевски.

Претседателот на Стопанската комора за индустрија, трговија и услуги на Мадрид, Артуро Фернандез истакна дека Владата на Македонија нуди најатрактивни даночни услови во Европа, со активна помош за инвестирање претворајќи ја така Македонија во новиот рај за инвестиции во Европа.

„Овој рај за инвестиции се истакнува со стабилен раст во последниве години, исто така со ниска стапка на инфлација, врамнотежена фискална политика и фиксен курс спрема еврото. Од друга страна со својата стратешка положба Македонија нуди слободен пристап до официјалните пазари и до 650 милионскиот пазар на потрошувачи преку договорите за слободна трговија“, изјави претседателот на Стопанската комора на Мадрид, Артуро Фернандез.

Генералниот менаџер на компанијата „Арчелор Митал“, Хуан Педро Наваро, која е веќе присутна на македонскиот пазар, истакна дека компанијата е задоволна од Владата која прави големи напори да направи добра бизнис клима што пак создава добри услови да се продолжи со инвестирање и да се придонесе за напредокот и растењето.

Наваро истакна дека ова е најдобрата година за „Арчелор Митал“ во Македонија и имаат многу добро напредување во производството искористувајќи ги максималните капацитети и најавувајќи проширување на капацитетите за производство.

„Очекуваме да инвестираме во наредните години токму во зголемување на капацитетите на производството, почнувајќи од овој месец превземаме и конкретни чекори, изјави генералниот менаџер на „Арчелор Митал““, Хуан Педро Наваро.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП