Во рамките на проектот „Воспотавување на механизам за набљудување на состојбите во животната средина во Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија“ поддржан од Зелената Европска Фондациа, а во организација на Здружението за одржлив социо-економски развој „Изгрејсонце“, беше одржана меѓународна трибина со наслов „ Еколошки дилеми за хидро електричните централи Бошков Мост и Луково Поле во националниот парк Маврово и нивното влијание врз обезшумувањето“ .
По презентацијата на резултатите од истражувањето на новинарите во Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија вклучени во проектот и опсежната дискусија беа донесени следниве заклучоци:
- За населението и индустријата, потребата од енергија и изградба на нови енергетски капацитети е повеќе од евидентна.
- Имплементацијата на мерки за енергетска ефикасност е најбрзиот одговор. За нивно спроведување потребни се неколку законски измени со кои ќе се стимулира енергетската ефикасност, пред се во домаќинствата, а за индустрискиот сектор обезбедување на поволни комерцијални кредити со ниска каматна стапка.
- Изградбата на нови енергетски капацитети е повеќе од потребна, но акцентот мора да се стави на обновливите извори на енергија, пред сѐ на сонцето и биомасата, а како дополнителна алтернатива секако и природниот гас.
- Кога станува збор за хидроелектричните централи, треба да се биде многу внимателен и да се одбираат и спроведуваат проекти со најмало влијание врз природата, бидејќи светските искуства покажуваат дека се создадени големи и ненадоместливи штети како врз животната средина, така и врз луѓето.
Како препораки од истражувачкиот тим произлегоа следниве препораки:
- Државните органи строго да ги почитуваат законските одредби кога станува збор за заштитата на животната средина и да воведат масимален степен на имуност кон бизнис интересите кои се штетни по природата, здравјето на луѓето и нарушувањето на и онака кревката социјална и економска состојба.
- Ревизија на Стратегијата за енергетика и ставање акцент на обновливите извори на енергија, особено сонцето, биомасата, геотермалната енергија и ветерот. Ова и во насока на исполнувањето на критериумите за намалување на емисиите на стакленички гасови.
- При изработката на проектите кои се од значење за државата или општините, не смее да се занемарат интересите локалното население.
- Водење на отворена постапка со широко информирање на локалното население, невладините организации, стручни лица и научни институции за придобивките, но и негативните влијанија од озведбата на преоктите
- Јасна и недвосмислена потреба од воспоставување на вон институционален волонтерски контролен механизам (составен од локално население, невладини организации, стручни лица, научни институции, медиуми и политички субјекти) за контрола од опасностите по животната средина, здравјето на луѓето и нарушувањето на социјалните и економските врски во одреден регион.