23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски – Рифај: Продлабочување на соработката меѓу Македонија и Светската туристичка организација

Груевски – Рифај: Продлабочување на соработката меѓу Македонија и Светската туристичка организација

rifaj grujo22

Премиерот Никола Груевски денеска во Мадрид оствари средба со Генералниот секретар на Светската туристичка организација на Обединети Нации, Талеб Рифај, со кого разговараа за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Светската туристичка организација, начините и механизмите за промоција на потенцијалите на државата во делот на туризмот, како и инвестициските активности во поглед на збогатена туристичка понуда.

Груевски истакна дека македонската Влада спроведува поголем број на мерки, активности и политики кои резултираат со значителен напредок во туризмот како значајна стопанска гранка која претставува значаен дел во македонската економија.

Претседателот на Владата како доказ за успешноста во туризмот го истакна и фактот за перманентниот раст на бројот на туристи во Македонија, кој од 2007 година до минатата година е зголемен двојно. Тој истакна дека е позитивно што ваквиот тренд на раст се задржува и во првите 8 месеци од оваа годината при што бројот на туристи е зголемен за 10.1 отсто, а бројот на странските туристи е зголемен за 14.2 проценти, споредено со минатата година.

Груевски истакна дека Владата инвестира и во инфраструктурата, во изградбата на туристички содржини, уредување на крајбрежјата на езерата, а обезбедува и поволни услови за инвестиции во сместувачки туристички капацитети и овозможува субвенции за домашните тур-оператори за привлекување на странски туристи.

На средбата стана збор и за конкретните чекори за поддршка од страна на Светската туристичка организација во насока на развој на туризмот. Беше договорено за следната година да се одржи заедничка инвестициска конференција за промоција на туризмот и хотелиерството каде ќе бидат презентирани туристичките потенцијалите со кои располага Република Македонија.

Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифај позитивно го оцени напредокот на земјата на туристичка мапа, како и напорите на македонската Влада за развој на туризмот. Тој истакна дека Македонија е позитивен пример за напредок во оваа сфера додавајќи дека државата може да смета на поддршката и соработката со Светската туристичка организација во поглед на туристичка промоција и забрзување на развојот во оваа сфера.

„Вистинска привилегија е што имаме можност да соработуваме, да разговараме за силната поддршка и посветеност на туризмот која ја овозможува премиерот Груевски, при што ја истакнав нашата волја да го помогнеме и развиваме туризмот во Македонија. Се согласивме за две работи, да поддржиме интернационална инвестициска конференција за туризам која би се одржала во 2016 година, а втората работа е да ја продолжиме и интензивираме нашата билатерална соработка во поглед на подобрување на капацитетите, обука на кадар и промоција на туризмот во Македонија“, истакна Генералниот секретар на Светската организација за туризам при ОН, Талеб Рифај.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП