20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворена приватна детска градинка во „Јахја Кемал“

Отворена приватна детска градинка во „Јахја Кемал“

jaha kemal3 300000

Приватна детска градинка во рамки на колеџот „Јахја Кемал“ во Скопје, денеска беше пуштена во употреба, која ќе сместува шеесетина деца.

Почетната инвестиција е околу 700 илјади евра, а планирана е и дополнителна инвестиција од околу 800 илјади евра. При изградбата на градинката колеџот ги користел поволностите за намалени комуналии за градба за 95 отсто.

„Ова е 26 приватна детска градинка која се отвора во изминатите неколку години и која влијае на отворање на дополнителни 1.550 места за згрижување деца од предучилишна возраст. Досега во изградбата и опремувањето на детската градинка се инвестирани околу 700.000 евра. Градинката нуди модерни и современи услови, на почетокот ќе згрижува шеесетина деца, но се планира натамошно инвестирање со кое вкупна инвестиција ќе биде околу еден 1,5 милиони евра“, рече на отворањето на градинката министерот за труд и социјална плолитика, Диме Спасов.

Општина Карпош аплицирала за грант за средства од Светска банка преку Министерството за финансии кој веќе е одобрен, по што се очекува во 2016 година да започне со изградба на детска градинка во населеното место Бардовци.

Градоначалникот на општината Карпош Стевчо Јакимовски рече дека како локална самоуправа заедно со МТСП планира да ја заврши реконструкцијата на градинката „Пролет“ во Козле.

„Потоа со средства на општината ќе се реконструираат градинките „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2 и со грант од Светска банка ќе се гради градинка во Бардовци. Останува да биде реконструирана уште градинката во Карпош 4. Со ова практично сите градинки на територија на општина Карпош ќе бидат како нови“, рече Јакимовски.

Додаде дека еден дел од Основното училиште „Вера Циривири Трена“ во Карпош 2 ќе биде пренаменет за приватна детска градинка.

Министерот Спасов ја најави мерката која треба да почне да се применува од другата година, а тоа е грант од 10 илјади евра за отворање приватна детска градинка.

„Станува збор за грант за основање приватни градинки во висина од 10.000 евра. На ваков начин планираме да поттикнеме најмалку отворање на 10 приватни градинки преку овие грантови во 2016 година. На таков начин треба да се отворат нови 50 работни места и да се создадат околу 500 нови места за згрижување деца од предучилишна возраст“, рече Спасов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП