3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит внимателно пред бранот деловни извештаи

На Волстрит внимателно пред бранот деловни извештаи

wall street999

На Волстрит во понеделникот цените благо пораснаа, а се тргуваше претпазливо поради забавувањето на растот на кинеската економија, падот на цените на сировините и послабите од очекуваните деловни извештаи на неколку компании.

Индексот Dow Jones зајакна за 0,08 отсто, на 17.230 поени, индексот S&P 500 се зголеми за 0,03 отсто, на 2.033 поени, а индексот Nasdaq скокна 0,38 отсто, на 4.905 индексни поени.

Растот на индексите, во прв ред, доаѓа од подемот на цените на акциите на технолошките и биотехнолошките компании, кои последните седмици беа под притисок. Така цената на акцијата на „Intel“ порасна за 1,7 отсто, а на „Apple“ за 0,6 отсто. Меѓутоа, технолошкиот сектор би можел во вторник да се најде под притисок, бидејќи по затворањето на пазарот „IBM“ извести за послабите отколку што се очекуваше деловни резултати во изминатиот квартал, па цената на неговата акција падна за речиси 5 отсто.

За толку падна и цената на акцијата на „Morgan Stanley“, бидејќи банката извести за пад на добивката второ тримесечје по ред.

Под притисок во понеделникот беше и енергетскиот сектор, кој загуби 1,9 отсто поради падот на цените на нафтата за 2,9 отсто. Притоа акцијата на „Exxon“ поевтини за 1,8, а на „Chevron“ за 1,4 отсто.

Падот на цените на нафтата и на сировините е последица од стравувањето на вложувачите од слабеењето на побарувачката на сировини поради забавувањето на растот на кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на сировини. Во понеделникот, имено, беше објавено дека кинескиот БДП во третиот квартал пораснал за 6,9 отсто во однос на истиот лански период. Иако тоа е малку подобар податок од очекуваниот 6,8-процентен раст во анкетата на „Reuters“, сепак претставува забавување на стапката на раст од 7 отсто во вториот годинешен квартал.

На Волстрит во последните три седмици цените на акциите пораснаа, најмногу благодарејќи на уверувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе го одложи зголемувањето на каматите до следната година, што значи дека рекордно ниските цени на парите уште некое време може да ги поддржуваат пазарите. Минатонеделниот подем на цените е благодарејќи и на солидните квартални деловни резултати на американските компании, поради што аналитичарите благо ги намалија процените на падот на заработките на компаниите.

По првата седмица од сезоната на објавување на деловните резултати, аналитичарите на „Reuters“ проценуваат дека компаниите од составот на индексот S&P 500 во третиот квартал забележале пад на добивките од околу 4 отсто во однос на истиот период минатата година, додека до неодамна очекуваа пад на заработките од 4,8 отсто.

На пазарот владее претпазливост и поради тоа што оваа седмица повеќе од 100 компании од составот на S&P 500 индексот ќе ги објават деловните резултати. Меѓу другите, технолошките гиганти, како „Microsoft“, „Google“, „Yahoo“, „Amazon.com“, AT&T и „Verizon Communication“, индустриските лидери „Boeing“, „Caterpillar“ и „Coca-Cola“, а и другите големи компании како „McDonald′s“, „American Express“…

Поради високиот курс на американскиот долар, што му штети на работењето на американските компании во странство, и слабостите на побарувачката во светот, се очекува дека повеќето од овие компании ќе известат за послабите резултати отколку во истиот период мината 2014 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП