17 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи поддржани од растот на кинеската економија, доларот стабилен, а нафтата...

Азиските берзи поддржани од растот на кинеската економија, доларот стабилен, а нафтата закрепнува

berza azija

На азиските берзи цените на акциите во понеделникот се одржуваат околу највисоките нивоа во последните два месеца, бидејќи најновите податоци покажаа дека растот на кинеската економија не забавува толку драстично како што стравуваа вложувачите.

На токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во минус од 0,3 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонгконг и Јужна Кореја се лизнаа меѓу 0,1 и 0,2 отсто. Во Сингапур и Шангај берзанските индекси пораснаа меѓу 0,1 и 0,5 проценти, па MSCI на азиско-пацифичките акции без јапонските беше во плус 0,1 отсто, движејќи се околу највисоките нивоа во последните два месеца.

Азиските инвеститори беа охрабрени од извештајот според кој кинескиот бруто домашен производ (BDP) во третото годинешно тримесечје пораснал за 6,9 отсто во однос на истиот минатогодишен период. Иако тоа претставува забавување на стапката на растот од 7 отсто во претходниот квартал, податокот е подобар од 6,8-процентниот раст во анкетата на Reuters. Вложувачите стравуваа и од подрастично забавување, па оттаму ваквите податоци позитивно влијаеја врз пазарите.

„Вестите од Кина ги фатија некои инвеститори на ‘погрешна нога’, па сега ги покриваат кусите позиции. Меѓутоа, бидејќи растот на кинеската економија не забави драстично, не се очекуваат итни мерки за поттикнување, па се тргува претпазливо“, вели Јошинори Шигеми, стратег во фондот „JPMorgan Asset Management“.

Сепак, пазарите најмногу ги поткрепува убедувањето на инвеститорите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) нема до крајот на годинава да ги зголеми клучните каматни стапки, што значи дека евтините пари и натаму ќе ги поддржуваат цените на акциите. Позитивно на пазарите влијаеше и извештајот на „Bank of America Merrill Lynch“, според кој, првпат по три месеца, се зголемил приливот на капитал во акционерските фондови на пазарите во развој.

„Во споредба со претходните месеци, сега повеќе вложувачи сметаат дека ситуацијата малку се подобрува, уште постои загриженост во врска со изгледите на глобалната економија“, додава Шигеми.

На валутните пазари, пак, американскиот долар се стабилизираше, што не е толку резултат на неговата сила, отколку на шпекулациите за натамошното олабавување на монетарната политика во Јапонија и во еврозоната поради слабостите на тамошните економии.

Во понеделникот претпладне курсот на доларот се движи околу 119,45 јени, колку што изнесуваше и на затворањето на тргувањето во петокот. Со тоа се одржува значително над најниското ниво во последните седум седмици од 118 јени, на кои потона минатиот четврток. Цената на еврото во однос на американската валута се движи околу 1,1360 долари, додека во петокот изнесуваше 1,1350 долари. Мината седмица, во еден момент достигна 1,1495 долари, највисокото ниво во последните седум седмици.

А откако минатата седмица паднаа, во понеделникот претпладнето цените на нафтата малку закрепнаа. На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 0,3 отсто, на 50,55 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП