11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрв грчко – македонски бизнис форум во Солун

Прв грчко – македонски бизнис форум во Солун

грчко-македонски-бизнис-форум

Делегација од десет секторски претседатели, предводена од претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, под покровителство на Универзитетот Колумбија во САД, учествуваат на првиот грчко – македонски бизис форум.

На највисоко ниво бизнис делегациите од двете земји, градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, претседателот на Грчката интернационална бизнис асоцијација, Киријакос Луфакис, амбасадорот на Република Македонија во Грција, Дарко Ангелов, заедно со експерти по бизнис и економија од Универзитетот Колумбија во САД, дискутираа за зближување на бизнис релациите меѓу двете земји.

„Се надеваме дека во наредните години ќе успееме да ги надминеме бариерите кои ги имаме, особено поради тоа што Македонија и Грција се единствени соседски држави кои немаат потпишано ниту еден билатерален договор. Веруваме дека во иднина ќе успееме ги продлабочиме деловните релации, иако во бизнис секторот сме доказ дека онаму каде што се сака политиката нема влијание“, изјави Арсовска.

Според неа, бизнис заедниците на двете земји имаат развиено добра економска соработка, која може да се надогради со цел понатамошно зајакнување на трговските и економски односи меѓу двете земји, како и развивање на секторите индустрија и трговија.

Лидерите на секторите градежништво, транспорт, туризам, ИКТ, индустрија, земјоделство, трговија, финансии на едно место разговараа за стратешки и идни планови како и за заеднички настап на трети пазари. Градоначалникот на Солун, Бутарис истакна дека најдобро за развој на бизнисот е заедничка соработка на двете земји, не само Грција да инвестира во Македонија и обратно, туку заеднички да инвестираме во нови начини за водење бизнис.

Професорот Дејвид Филипс, од Универзитетот Колумбија во САД, по средбата изјави дека се разговараше за учество во заеднички проекти од интерес на двете страни особено во секторот туризам, како и за одредени анализи на кои двете страни би можеле да работат, а се поврзани со Коридорот 10.

Претседателот на Грчката интернационална бизнис асоцијација, Луфакис потенцира дека бизнис релациите меѓу двете земји може да се подобрат, особено сега кога во нашата земја има зголемен број на странски инвестиции и кога на Грција и се потребни инвестиции во странство.

„Токму затоа тие односи треба да се подобрат и да се зголеми соработката меѓу коморите, за да може бизнис заедницата да апелира до политичарите да ги надминат проблемите“, изјави Луфакис.

Надворешно-трговската размена на Република Македонија со Република Грција во првите осум месеци од 2015 година достигна вредност од 397 милиони евра. Притоа, остварен е извоз во вредност од 98 милиони евра и увоз од 299 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП