1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски ученици учат молекуларна гастрономија во Хрватска

Македонски ученици учат молекуларна гастрономија во Хрватска

ici-gastrono

Со новиот и поинаков начин на подготвување на храна, група ученици од средното училиште „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија и нивни професори две седмици сe учесници во ЕУ-проектот „Молекуларна гастрономија“, кој се реализира во Шибеник.

„Молекуларна гастрономија“ е темата на ЕУ Проект кој деновиве се одржува во Шибеник, Хрватска, како дел од програмата Еразмус+. За време на двонеделната едукација, учениците од средното училиште од Гевгелија „Јосиф Јосифовски“ кои се гости на Туристичко угостителското училиште од Шибеник, стекнуваа знаења од областа на молекуларна гастрономија.

Проектот се реализира од 4-ти до 18-ти октомври. Покрај наведените две средни училишта – партнери, во Проектот е вклучена и невладината организација „Хрватско-македонска тангента“, која е воедно и главен носител на иницијативата проектот да се реализира токму во Шибеник. Со овие активности се конфирмира и остварува основната цел на оваа организација – продлабочување на пријателството и врските помеѓу хрватскиот и македонскиот народ и двете држави.

Покрај едукативната димензија, гостите до Македонија се запознаваат и со дел од богатото културно наследство на Шибеник, како еден од најперспективните градови на Јадран, кој е во постојан подем, со неговата богата историја,туризам, гастрономија и традиција.

„Молекуларна гастрономија“ е проект кој ќе биде од особено значење за двете училишта, бидејќи се работи за нешто што е во зачеток и во Хрватска и во Македонија, а ретки се ресторани во светот кои можат да понудат „производ„ по принцип на молекуларна гастрономија. Знаењата и вештините од ова подрачје на нашите ученици им даваат дополнителни компетенции и со тоа ги прават поконкурентни на пазарот на трудот, што всушност беше и главна цел на овој проект.

Значењето на „Молекуларна гастрономија“, го препозна и хрватската влада, па за јавната презентација на проектот, преку министерот за туризам Дарко Лоренцин испрати поздравна порака. Тој апострофира дека важноста на овој проект е што ќе допринесе на вкупниот раст на туристичкиот сектор и ќе понуди нешто што туристите го бараат како нешто ново и поинакво, а тоа е молекуларна гастрономија.

Зборови со поддршка упати и хрватската амбасадорка во Македонија, Данијела Баришиќ, која ја нагласи приврзаноста кон европските вредности од двете страни – македонската и хрватската, како и долгогодишното пријателство помеѓу македонскиот и хрватскиот народ.

„Задоволство ми е што оваа манифестација се случува во Шибеник, мојот роден град, а ваквите настани претставуваат вистински мост помеѓу Хрватска и Македонија, земја во која од неодамна сум на мандат амбасадор на Република Хрватска“, рече Баришиќ.

Претседателот на Хрватско-македонска тангента, Сашо Георгиевски, ги потенцираше резултатите од овој проект, а тоа е што група млади луѓе ќе стекнат софистицирани знаења и компетенции од областа на применето угостителство и своите новостекнати знаења ќе ги пренесат на другите. Од друга страна, стекнатотo искуство низ овој проект, Туристичко угостителското училиште од Шибеник го вбројува меѓу училиштата како лидер во областа на молекуларна гастрономија во Хрватска.

Проектот беше претставен на јавен настап, вчера, пред високи гости од Градот и Жупанијата, како и медиумите, а присутните имаа можност да вкусат јадења подготвени со техники од молекуларна гастрономија (променети текстурата и изгледот на јадењата , но вкусот останува ист.) и на Тркалезна маса, која се одржа денеска во градската библиотека „Јурај Шишгориќ“, каде пред јавноста и медиумите беше објаснет целиот ЕУ проект „Молекуларна гастрономија“.

„Помина времето само на капење и јадење риба со класичен прилог. Туристите бараат нешто ново. А токму со вакви проекти како што е овој за Молекуларна гастрономија, односно едукација на кадри од областа на туризмот, на гостите можеме да им понудиме нешто ново, со што можеме да им го привлечеме вниманието“, потенцираше градоначалникот на Шибеник, д-р Жељко Буриќ пред присутните во библиотеката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП