21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБанките во Македонија со високи профити

Банките во Македонија со високи профити

nlb

Растат добивките на деловните банки. Според податоците на НБРМ, банките во првото полугодие оствариле профит во износ од 2.051 милион денари (над 33 милиони евра), што е речиси двојно повеќе во однос на истиот период лани. Позитивниот финансиски резултат го добиле големите банки, а само кај три од нив е концентриран околу 95% од вкупниот финансиски резултат.

Показателите за профитабилноста се подобрени. Од Централната банка објаснуваат дека причина за зголемената добивка се намалените каматни расходи, како и растот на редовните приходи.

Зајакната е и солвентноста на банкарскиот систем. Во вториот квартал благо е зголемена и стапката на адекватност на капиталот, а главен фактор за зголемената солвентност е порастот на сопствените средства на банкарскиот систем, што придонесло и за зголемување на отпорноста на стрес – тестовите.

Бизнисот бара свежи пари

Економијата заздравува со солидно темпо, кредитирањето расте, иако со пониска стапка од очекуваното. На годишна основа, вкупните кредити со август се повисоки за 8,8 проценти, што е под априлската проекција за третиот квартал од 9,8%, но од НБРМ сметаат дека ова се должи на сезонски фактори, бидејќи со податоците од претходните години, јули и август, се детектирани како месеци во кои се пласираат помалку пари во стопанството.

aab

Стопанството се уште смета дека банките можат да го засилат кредитирањето и да понудат развојни кредити со подолга рочност на отплата и со пониски стапки.

„Кредитите се многу значајни, конкретно ако говориме за мојата компанија, учествувале во голем дел во нејзиниот развој. Поддршката од банките во овие времиња може да биде уште поголема, односно потребно е да се издаваат подолгорочни кредити“ – вели првиот човек на „Специјал“, бизнисменот Горан Ѓорѓиевски.

Од банкарскиот сектор сметаат дека постои простор за позасилено кредитирање и за пласирање повеќе пари во насока на бизнисот.

„Соработката меѓу банкарскиот и бизнис – секторот е стандардно добра. Иако кредитирањето последниве години повеќе беше насочено кон населението, се уште 56% од кредитниот потенцијал е кај фирмите. Постои можност тој процент на кредитирање да се зголеми “ – вели првиот човек на Здружението на банкарство, Ѓорѓи Јанчевски.

Банкарите велат дека има пари за квалитетните компании.

„Нашите податоци за оваа година покажуваат раст од околу 15% во однос на крајот од 2014-та, што е во согласност со проекциите“ – вели Маја Палчевска од Шпаркасе банка.

 

НБРМ: Внимателно со нефункционалните кредити

Индикаторите покажуваат дека македонските банки се ликвидни и подготвени да ги поддржат квалитетни проекти, но треба да се внимава кога е по прашање корпоративниот сектор, бидејќи ако вкупното ниво на нефункционални кредити се движи меѓу 11% и 12%,  кај претпријатијата изнесува 16%.

aac

„Високата стапка на нефункционалните кредити кај претпријатијата укажува на потреба од редовно следење на остварувањата, пред сѐ на најризичните дејности, градежништво и дејности во врска со недвижен имот и индустрија, и преземање мерки за решавање на проблематичните изложености“ – советува Централната банка.

Сепак, симулациите за комбинирани ликвидносни шокови покажуваат дека ликвидните средства со коишто располага македонскиот банкарски систем биле доволни да ги издржат хипотетичките екстремни ликвидносни одливи.

Ризикот за сопствените средства на банките од претпоставена целосна ненаплатливост на нефункционалните кредити не е висок, велат од Народната банка, што се должи на високата покриеност со издвоената исправка на вредноста.

 

Расте интересот за евтини кредити

Се зголемува интересот и за поволната кредити од Европската инвестициска банка. Се ситни и четвртата линија од 100 милиони евра, се повлекуваат нови транши. Се работи за пари под исклучителни поволни услови, со субвенционирана камата од 5,5%. За инвестициските кредити рокот на отплата е 8 години, за оние за обртни средства е 3 години.

Заедно со четвртата кредитна линија, вкупно за домашните компании се обезбедија 350 милиони евра. Според проценките, од почетокот на 2009-та кога овие средстваа им станаа достапни на фирмите, отворени се повеќе од 6.000 работни места.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП