Искуствата на Македонија и на Словенија од реформите во здравството, обезбедување квалитет на услугите во јавното здравство, како и продлабочување и унапредување на соработката меѓу двата фонда и здравствените институции на двете земји, беа моментите за коишто во средата разговара Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, директори на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Само Факин, директор на словенечкиот Фонд за здравствено осигурување и неговиот тим.
На средбата, директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски, разговараше за практичната примена на двојазичните обрасци за итна и неопходна здравствена заштита на нашите државјани кои од различна причина се на привремен престој во Словенија, а, исто така, директорот Орхан Рамадани, информираше за позитивните и за негативните апсекти на главните финансиски методи на здравствениот систем.
Размената на искуства на менаџерите на Фондовите, предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат, идеите за подобрување на здравствените услуги – се можност да се согледа какви се решенијата на одредени прашања во соседните земји, а позитивните искуства се одлична можност за понатамошно унапредување на здравствениот систем во двете држави.
Само Факин, директор на словенечкиот Фонд за здравствено осигурување, пак, се задржа на системот на здравствено осигурување во Словенија, како и за плановите и стратегиите за подобрување на здравствениот систем што ги преземаат во Словенија.
Во текот на посетата на Љубљана, Стефаноски и Рамадани го посетија и Универзитетскиот клинички центар каде што се сретнаа директорот Андреј Барчич, при што беа дискутирани можностите поголем број македонски лекари да се едуцираат и усовршуваат во овој центар.
Исто така, директорите на ФЗОМ го посетија и Институтот за рехабилитација „Соча“ и разговараа со тамошниот директор Роберт Цугељ, при што се разгледуваа модалитетите за продлабочување на соработката, особено во делот на размена на искуства и кадар. Соработката во сферата на едукација на лекари и медицински персонал, специјализација и субспецијализација на македонските лекари во Словенија, се реализира во Клиничкиот Центар во Љубљана.
Оваа соработка, инаку, започна во текот на октомври 2014 година. Едукациите се реализираат секој месец во групи од 25 – 30 лица. Во периодот од октомври до декември 2014 година се реализираа едукации за вкупно 42 здравствени работници. Соработката продолжи и во текот на 2015 година и до сега се испратени 122 здравствени работници, а до крајот на годината е предвидена едукација за уште две групи од по 30-тина доктори.
Во делот на образување и усовршување договорени се и специјализации од областа на анестезија, реанимација и интензивно лекување, специјализација од областа на трауматологија и специјализација од областа на ортопедија.
Соработката со Сплошна болница од Ново Место, пак, започна на крајот од ноември 2013 година и до крајот на истата беа реализирани вкупно 26 едукации, додека, пак, во текот на 2014 година беа реализирани 42 едукации. Соработката продолжи и во текот на 2015 година и до сега се реализирани вкупно 77 едукации, а планот за до крајот на годината е да се образуваат уште три групи од по 15 доктори.
Реализирана 31 едукација, и тоа во: Клинички Центар – Љубљана, Онколошки институт – Љубљана, Клиника Голник – Словенија.
На средбите беше договорено соработката да продолжи и понатаму со размена на информации и искуства кои ќе придонесат за понатамошно унапредување на здравствениот систем.