Во рамките на своите амбициозни планови за заштита на животната средина, јапонскиот производител на автомобили има намера од 2050-та година практично повеќе да не продава возила со конвенционални мотори.
„Toyota“ до тогаш би требало во целост да премине на производство на возила со хибриден и погон на водород, со цел радикално да се намали емисијата на штетни гасови.
„Toyota“ вети дека ќе вклучи влади на земји, соработници и акционери во својата кампања за намалување на просечната емисија на гасови од автомобилите за 90 проценти до 2050-та година во однос на нивото од 2010-та година.
Чисто електричните автомобили, меѓутоа, не се дел од визијата која ја претставија официјални лица на компанијата во еден музеј во Токио.
Според прогнозите на „Toyotа“, годишното производство на автомобили на горливи ќелии до 2020-та година ќе ја надмине бројката од 30.000, што е десет пати повеќе од предвидената продажба до 2017-та година.
Овие автомобили користат т.н. горливи ќелии кои ја претвораат хемиската во електрична енергија, а како гориво користат водород. Таквите возила имаат нулта емисија на штетни гасови.
Кон крајот на 2014-та година „Toyota“ го претстави „Mirai“, првиот сериски модел со погон на водородни горливи ќелии.
Од тогаш само во Јапонија се добиени 1.500 нарачки, додека во САД за овој автомобил веќе се заинтересирани 1.900 купувачи.
Се проценува дека во 2015-та годишната продажба на хибридни возила ќе изнесува 1,5 милиони единици, а до 2020-та година „Toyota“ веќе ќе ја надмине бројката од 15 милиони продадени хибриди.
„Toyota Prius“, претставена во 1997-ма година, е најпродаваниот модел со хибриден погон во светот со преку 5 милиони испорачани примероци.