6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВтор ден пад на азиските берзи, доларот под притисок

Втор ден пад на азиските берзи, доларот под притисок

berza a 33

На азискиот берзи цените на акциите паднаа втор ден по ред, бидејќи вложувачите се загрижени од инфлацијата во Кина, што претставува уште една потврда дека растот на втората според обемот светска економија забавува.

На токиската берза Nikkei индексот во претпладневното тргување беше во минус од 1,5 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг се лизнаа меѓу 0,1 и 0,5 отсто. Во Сингапур, пак, имаше благ раст, додека MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонските беше во минус од 0,8 отсто.

По слабиот извештај од вторникот за надворешната трговија, во средата утрото и податоците за падот на инфлацијата потврдија дека растот на кинеската економија забавува. Потрошувачките цени во септември биле за 1,6 отсто повисоки отколку истиот месец минатата година, додека аналитичарите очекуваа раст на цените за 1,8 отсто.

Инвеститорите ги поколеба и падот во вторникот на цените на акциите на Волстрит, со што е прекинат повеќедневниот залет на берзанските индекси. Пазарите последната седмица ги поддржуваше уверувањето на вложувачите дека американската централна банка до крајот на годината нема да ги зголеми каматите. Меѓутоа, сега ги загрижува главната причина за одложувањето на зголемувањето на цената на парите во САД, односно слабоста на глобалната економија.

А бидејќи Кина е најголемиот светски потрошувач на сировини, нејзино слабеење би можело да предизвика пад на побарувачката, па цените на сировините се под притисок. Така, цените на нафтата во вторникот паднаа за повеќе од 1 отсто, откако Меѓународната агенција за енергија (IEA) предупреди дека и во 2016 година понудата на нафтата може да биде поголема од побарувачката, иако земјите кои не се во OPEC го намалија производството.

По вторничниот пад, во средата претпладнето цената на барелот на лондонскиот пазар стагнира околу 49,25 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапи за 0,1 отсто, на 46,70 долари.

И додека очекувањата дека американската централна банка ќе ги зголеми каматите до следната година ги поддржуваат пазарот на капиталот, на валутните пазари американскиот долар и натаму е под притисок.

Во средата претпладнето курсот на доларот во однос на јапонскиот јен се лизна на 119,65, додека во вторникот во истиот период од денот, изнесуваше 119,90 јени. Доларот ослаби и во однос на европската валута, па цената на еврото порасна од вчерашните 1,1365 на 1,1390 долари, а во еден момент во средата претпладнето првпат по повеќе од три седмици се искачи на 1,1400 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП