2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромоција на „Физика на тагата“ и средба со писателот Господинов

Промоција на „Физика на тагата“ и средба со писателот Господинов

promocija 333

Издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ денеска од 20 часот, во клубот ГЕМ ќе одржи промоција на романот „Физика на тагата“ од современиот бугарски писател Георги Господинов, со присуство на авторот.

Модератор ќе биде Никола Маџиров, а промотор на книгата Маја Бојаџиевска. Преводот на делото е на Душко Крстевски, илустрацијата на корицата ја изработи Марија Смилевска, а дизајнот на книгата е на brigada.mk.

Излегувањето на книгата и гостувањето на авторот е дел од програмата „Креативна Европа” на Европската унија.

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите „Природен роман“, „И други приказни“ (и обете на Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров. Во последниве години авторот постигна успех и во САД, а позитивни рецензии за неговите дела излегоа во New Yorker, NY Times, Village Voice…

Неговиот последен роман, „Физика на тагата“, беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: Premio Strega Europeo, Haus der Kulturen der Welt, Brücke Berlin Preis… Според „Њујоркер”, бугарскиот збор за тагата, tuga, може да се спореди со Памуковиот hüzün и Набоковиот toska.

„Оваа книга е лудост! Таа е неверојатна и нервозна, сентиментална, одразувачка, страшно смешна, потресителна, колку филозофска, толку и поетична, микроскопска и грандиозна. Накратко: чудесна!“, пишува Berliner Zeitung.

„Не велат ли за Габриел Гарсија Маркес дека со „Сто години самотија“ прв ја стави Латинска Америка на картата на светската литература? Исто како него, така и Господинов не само што завршува со реализмот, туку на дневен ред поставува и еден експериментално-игри, апсурдно-остроумен, постмодернистичко-противречен, саморефлексивно-ироничен стил на раскажување. Со оваа книга Господинов се издигнува над низините на комерцијалноста и конвнционалноста на романот, спасувајќи се не само себеси, туку и литературата, а со неа и целиот свет“, пишува Neue Zürcher Zeitung.

„Физика на тагата“ е литературен забрзувач на честички, голем акцелератор во кој се мешаат живописни минијатури и списоци…“, се вели во Süddeutsche Zeitung.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП