21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на Волстрит поради слабостите на Кина

Пад на Волстрит поради слабостите на Кина

berza zvonce

На Волстрит цените на акциите во вторникот паднаа, бидејќи инвеститорите, и онака загрижени поради анемичните квартални деловни резултати на американските компании, дополнително се вознемирени од новите лоши економски показатели од Кина.

Индексот Dow Jones ослабе за 0,29 отсто, на 17.081 поен, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,68 проценти, на 2.003 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,87 отсто, на 4.796 индексни поени.

По силниот раст на цените на акциите минатата седмица, во вторникот инвеститорите се колебаа од новите слаби резултатите од кинеската економија, кои потврдуваат дека растот на втората според обемот економија во светот и натаму забавува.

Увозот на Кина, искажан во јуани, паднал во септември за 17,7 отсто во однос на истиот месец минатата година, значително повеќе отколку што се очекуваше, додека извозот ослаби за 1,1 отсто, малку помалку од очекуваното. Бидејќи Кина е најголемиот светски потрошувач на сировини, нејзиното слабеење може да предизвика пад на побарувачката, па цените на сировините се под притисок.

„Ситуацијата во глобалната економија и натаму ги притиска пазарите, како и слабостите на цените на сировините. Бидејќи нема никакви силни економски показатели или одлични деловни резултати на компаниите, вложувачите се претпазливи“, вели за Reuters Џон Кареј, портфељ менаџер во фондот „Pioneer Investment Management“.

Вложувачите се претпазливи и поради сезоната на објавување на кварталните деловни резултати на американските компании. Првите извештаи не импресионираа, а поради ниските цени на нафтата, високиот курс на доларот и слабеењето на побарувачката во светот, добивките на американските компании би можеле да паднат првпат од глобалната финансиска криза во 2008 година.

Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека добивката на компаниите од составот на индексот S&P 500 во третиот годинешен квартал паднала за 4,8 отсто во однос на истиот период лани. Се очекува, исто така, пад на приходите на компаниите, и тоа за повеќе од 3 отсто на годишно ниво.

По затворањето на тргувањето во вторникот цената на кацијата на „Intel“ падна за повеќе од 3 отсто, бидејќи најголемиот светски производител на чипови ги намали процените за растот од приходите од продажбата на чипови во 2015 година.

Приходите на компаниите биле во третиот квартал малку помали отколку една година претходно, но нешто подобри од очекувањата на аналитичарите. Но, тие вообичаено праговите на процените ги поставуваат многу ниско, па на компаниите им е полесно да ги надминуваат очекувањата, што ги поттикнува пазарите.

Банката „JPMorgan Chase“ остварила, пак, во изминатото тримесечје нето добивка од 6,8 милијарди долари, значително повеќе од 5,5 милијарди долари во истиот лански период, но помалку од очекуваното. Приходите на најголемата американска банка според активата, пак, паднале за 6,4 отсто, на 23,5 милијарди долари, при што добивката е намалена во три од четирите нејзини главни области на работење. Оттаму, цената на „JPMorgan Chase“ се лизна за повеќе од 1 отсто.

На претпазливоста на инвеститорите укажува и слабиот обем на тргувањето. На американските берзи сопствениците во вторникот ги заменија 6,1 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните три седмици изнесуваше 7,5 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП