Италијанските власти имаат намера да ги спасат трите банки кои се наоѓаат во криза со помош за милијарди евра, пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на свои извори.
Капиталот ќе биде одвоен од фондот во кој такси плаќаат останатите „здрави“ финансиски институции, тврдат двајца извори запознаени со плановите. На трите мали банки – „Banca Marche“, „Banca Popolare dell’Etruria“ и „Cassa di Risparmio di Ferrara“ (Carife), им недостигаат најмалку 2,2 милијарди евра. Поради значителен недостиг на капитал овие банки беа ставени под специјален надзор од централната банка на земјата.
Точните детали за спасувачкиот план се уште не се јасни. По рекапитализацијата најголем акционер во трите банки ќе стане Фондот за осигурување на депозити (Fondo Interbancario di Tutela dei Depositi), кој гарантира влогови во износ до 100 илјади евра во случај на банкрот на банка.
Спасувачката програма ќе ги натовари големите банки, како „Intesa Sanpaolo“ и „Unicredit“, кои се главните обврзници во Фондот, со околу 200 милиони евра, соопшти изворот кој е запознаен со плановите. По неколку години на рецесија, италијанските банки имаат лоши кредити за речиси 200 милијарди евра.
Поголемиот дел од 650 банки во Италија се мали и се фокусирани на кредитирање на компании. Тие се и најтешко погодени за време на економската криза, откако мораа да отпишат големи суми од кредити, со што беше засегната нивната капитална база.