18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоларот близу најниското ниво за три седмици

Доларот близу најниското ниво за три седмици

dolar

Американскиот долар во понеделникот на меѓународните пазари се задржа во близина на најниското ниво во последните три седмици во однос на кошничката валути на кое се симна во петокот, притиснат од неизвесноста околу подигнувањата на каматните стапки во САД.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската во однос на шесте валути од земјите главни трговски партнери на САД, се лизна за 0,1 отсто, на 94,73 поени, односно блиску до 94,692 поени, најниското ниво од 18-ти септември, на коешто се спушти во петокот.

Доларот ослабе во однос на јапонскиот јен на 120,14 јени. За 0,1 отсто беше во минус и во однос на европската валута, со која се тргуваше по 1,1370 долари, малку под највисокото ниво во трите изминати седмици од 1,13875 долари. Австралискиот долар зајакна кон американскиот за дополнителни 0,3 отсто, на највисокото ниво во последните седум седмици, по 4-процентниот скок минатата седмица, најголемата седмична добивка од крајот на 2011 година.

Во фокусот на пазарите се новите сигнали од американската централна банкa Federal Reserve (Fed) за можната временска рамка за подигнување на каматните стапки. Се издвојува притоа изјавата на потпретседателот на банката, Стенли Фишер, дека зголемувањето на каматните стапки во декември оваа година е очекување, но не и обврска.

Челникот на Европската централна банка (ECB), Марио Драги, пак, ја потврди во петокот оцената на пазарите дека во банката се загрижени за курсот на еврото, велејќи дека централната монетарна институција на еврозоната е подготвена да го прилагоди износот, системот и траењето на актуелната програма за откупување обврзници во износ од 1.000 милијарди евра.

Тие изјави благо го зауздаа залетот на еврото, но банките сега се поделени во прогнозите за неговото движење. Во HSBC очекуваат дека еврото ќе достигне 1,18 долари, а во „JP Morgan“ и во „Morgan Stanley“ дека следните месеци горе-долу ќе биде стабилен, додека, пак, во „Barclays“, „Deutsche Bank“ и „Goldman Sachs“ прогнозираат дека следната година ќе дојде до изедначување на курсевите на американската и на заедничката европска валута.

„Би можеле да бидеме сведоци на натамошно слабеење на доларот во однос на еврото и јенот, иако тој тренд би можел да ги зафати и европската и јапонската валута. Надолниот тренд, сепaк, ќе биде концентриран на валутите на пазарите во формирање“, преоценува за Reuters Стивен Гало, аналитичар во канадската банка BMO во Лондон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП