На азиските берзи цените на акциите силно пораснаа во претпладневното тргување, благодарејќи на растот на цените на нафтата и убедувањето на инвеститорите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) нема да брза со зголемувањето на каматните стапки.
Во Токио индексот Nikkei беше во плус од 1,5 отсто, додека цените на акциите на берзите во Јужна Кореја, Шангај, Австралија и Хонгконг пораснаа меѓу 0,6 и 1,7 отсто. Оттаму, MSCI индексот на азиско-пацифичките, без јапонските, во петокот претпладнето беше во позитива од 1,6 отсто, па од почетокот на седмицава е во плус од 6,5 отсто.
Азиските инвеститори беа охрабрени од четврточниот значителен раст на цените на акциите на Волстрит, откако беше објавен записникот од неодамнешниот состанок на челниците на Fed кој покажа дека тие се многу внимателни во врска со зголемувањето на каматите. Иако сметаат дека американската економија е доволно силна да го издржи зголемувањето на каматите од 0 отсто, челниците заклучиле дека забавувањето на растот на светската економија не влијае негативно врз американската.
Откако минатата седмица беше објавено дека во септември значително забавило темпото на вработувањата во САД, повеќето аналитичари сметаат дека Fed најверојатно нема да ги зголеми каматните стапки пред почетокот на следната година. Тоа значи дека евтините пари, и натаму би ги поддржувале пазарите, како и последните седум години, па инвеститорите го занемарија лошиот почеток на сезоната на објава на деловните квартални резултати на американските компании. Цената на најголемиот американски производител на алуминиум „Alcoa“ во четвртокот на Волстрит падна за 4 отсто, бидејќи и добивката и приходите во третиот квартал паднале повеќе од очекуваното.
Од друга страна, пак, пораснаа цените на акциите во енергетскиот сектор, благодарејќи на растот на цената на нафтата, откако „PIRA Energy Group“ ја објави процената дека до крајот на 2016 година цената на барелот може да достигне 70 долари.
Благодарејќи на тоа, претпладнево цената на нафтата на лондонскиот пазар зајакна за дополнителни 0,4 отсто, на 53,35 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,6 отсто, на 49,70 долари.
А бидејќи спласнаа и изгледите дека Fed до крајот на годинава ќе ги зголеми каматните стапки, на валутните пазари американскиот долар главно стагнира. Во петокот претпладне неговиот курс се движи стабилно околу 119,90 јени. Во однос, пак, на европската валута, доларот малку закрепна во однос на четврточниот остар пад. Цената на еврото се движи околу 1,1280 долари, додека во петокот еден момент достигна 1,1328 долари, што е највисокото ниво во последните три седмици.