22 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Златен Манаки“ за режисерот Каан Муждеџи

„Златен Манаки“ за режисерот Каан Муждеџи

zlaten-manaki

Проекција на филмот „Сивас“ во киното „Синеплекс“ во Скопје ќе се одржи денес во 20 часот, во организација на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ од Битола и Културниот центар – „Институт Јунус Емре“ од Скопје.

Повод за проекцијата е наградата „Златен Манаки“, што режисерот Каан Муждеџи ја доби на неодамна завршениот фестивал, во програмата „СЕЕ Камера“. Режисерот Каан Муждеџи ќе биде гостин и ќе и се обрати на публиката. Уметничкиот директор Благоја Куновски-Доре ќе му ја врачи статуетката „Златен Манаки“. Наградата за најдобар филм му ја довери жирито во состав: Маја Богојевиќ, филмски критичар, Диомидес Никитас, продуцент од Кипар и Мирослав Момчиловиќ, режисер од Србија.

-„Сивас“ е храбар и иновативен филм кој непретенциозно се фокусира на љубовта помеѓу дете и куче, преку потресен портрет на едноставниот дневен живот во турско село, со контрасти на детските невини игри и несогласувањата со алчноста на возрасните. Ја покажува хуманоста во најдобро и во најлошо издание – стоеше во образложението на жирито.

Режисерот Муждеџи беше најавен како гостин и во Битола, но поради обврски поврзани со промоцијата на неговиот филм за наградата за странски филм „Оскар“, Муждеџи не можеше да биде со нас.

„Сивас“ е турско-германска копродукција снимена во 2014 година. Муждеџи е автор и на сценариото, а исто така е и продуцент на филмот. „Сивас“ е негов прв долгометражен игран филм. Кинематографери на филмот се: Норвежанецот Армин Диролф и Германецот Мартин Солванг.

„Златен Манаки“ ја надополнува листата со награди кои веќе надминаа десет.
Престижниот Венециски филмски фестивал лани му ја додели „Специјалната награда од жирито“.Филмот во Скопје ќе има само една проекција.

Улогите ги толкуваат: Доган Изџи, Озан Челик, Муталип Муждеџи, Ези Ерин, Хасан Оздемир, Фуркан Ујар, Окан Авџи, Хасан Јазилитас, Бану Фотоџан.
Аслан е 11-годишно темпераментно дете од мало сиромашно место во Анадолија. По една борба со кучиња тој го спасува поразеното куче по име Сивас, оставено да умре. Му помага на кучето да закрепне. Сакајќи да импресионира едно девојче кое му се допаѓа, договара меч со друго боречко куче. Сивас повторно почнува да се бори и да победува, со што Аслан го добива посакуваното внимание и од неговите соученици и од возрасните. Пред да го сними „Сивас“, Муждеџи е потпишан на неколку кратки и документарни филмови.

Режисерот Муждеџи доаѓа по покана на „Јунус Емре институт“, кој беше еден од поддржувачите на 36.издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Со заеднички ангажман помеѓу двете институции беше прикажан филмот „Сивас“, чиј режисер не можеше да пристигне во Битола во договорениот термин. Благодарение на соработката, гостинка во Битола беше и една од најпознатите турски актерки Хатиџе Аслан, која беше член на жирито на програмата „Нов европски филм“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП