Американскиот претседател Доналд Трамп не се откажува од борбата со Илон Маск, а денес изјави дека нема желба да го подобри тој однос и предупреди дека неговиот поранешен сојузник и финансиер би можел да се соочи со „сериозни последици“ ако се обиде да им помогне на демократите на претстојните избори.
Во телефонско интервју за американската телевизиска мрежа NBC, Трамп изјави дека нема планови за помирување со Маск.
Кога го прашале дали мисли дека неговата врска со мултимилијардерот извршен директор на „Тесла“ и „Спејс Екс“ е завршена, Трамп рекол дека претпоставува дека е така.
„Премногу сум зафатен со други работи. Знаете, ги добив изборите со голема разлика. Му дадов многу простор, долго пред да се случи ова. Му дадов простор во мојата прва администрација и му го спасив животот, немам намера да разговарам со него“, рече Трамп.
Тој додаде дека Маск би можел да ги поддржи демократските претставници во Конгресот на изборите во 2026 година, кои традиционално се одржуваат на половина од мандатот на секој претседател на САД.
„Ако го стори тоа, ќе мора да ги сноси последиците“, рече Трамп, кој не сакаше да даде детали за тоа какви би биле тие последици. Компаниите на Маск имаат многу профитабилни федерални договори.
Агенцијата АП оценува дека од изјавите на Трамп се чини дека Маск од близок сојузник се претвора во негова потенцијална нова цел.
Познато е дека американскиот претседател знае како да ги користи своите овластувања за да се справи со критичарите и оние што ги смета за непријатели.
Компаниите на Маск би можеле да бидат предмет на одмазда од Трамп, а американскиот претседател веќе се закани дека ќе ги раскине некои од договорите на Маск по меѓусебните критики и препирки на социјалните мрежи во четвртокот.
Претходно денес, Маск избриша неколку навредливи коментари што претходно ги објави на неговата социјална мрежа X (порано Твитер), вклучувајќи еден што го поврза Трамп со сексуалниот предатор Епштајн.