9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРасте бројот на бездомници во Германија

Расте бројот на бездомници во Германија

Winter+Bus+Serves+The+Homeless+Qs6khutxP0Jl

Во Германија сè повеќе граѓани живеат на улица бидејќи не можат да го плаќаат станбениот простор, а ситуацијата, заради доаѓањето на голем број бегалци и недостатокот на поволни станови, би можела дополнително да се влоши, се вели во соопштението во вторник на сојузното здружение „Помош за бездомниците“.

„Во 2014 година 335.000 лица во Германија биле без покрив над главата, што е пораст од 18 отсто во споредба со 2012“, се вели во соопштението.

Ова социјално здружение предвидува дополнително влошување на ситуацијата во следниот период. Така до 2018 година бројот на лицата што не живеат во сопствен или изнајмен стан би можел да се зголеми на 536.000.

Бројот на лица што буквално живеат на улица, не во некои од социјалните установи за сместување, се искачил на 39.000. Дури 71 отсто од бездомниците, според истражувањето, се самци.

„За жал мораме да тргнеме од тоа дека бројот на бездомници, согласно нашите првични прогнози, и натаму ќе расте“, рече Томас Спехт, директор на „Помош за бездомниците“ при претставувањето на студијата за движењето на бездомниците во Берлин.

Здружението „Помош за бездомниците“ смета дека најголем виновник за драстичниот пораст на бројот на бездомници е лошата станбена политика на власта.

„Недоволниот број на поволни станови, сè помалиот број на социјални станови и станбената политика која не гради доволен број станови во социјалниот сектор се главни виновници за пораст на бројот на бездомници“, рече челникот на здружението Винфрид Ухриг.

Здружението, покрај тоа, ја критикуваше и сè почестата продажба на празни станови на инвеститорите кои станбениот простор го користат како објект за финансиски шпекулации и постепено го повлекуваат од пазарот на недвижнини.

Посебно загрижува недостатокот на помали, поповолни станови. Според истражувањето на „Помош за бездомниците“, во Германија недостасуваат 2,7 милиони вакви станови, особено во поголемите градски средини. Недостатокот на станови влијаеше и врз драстичното зголемување на кириите кои во атрактивните градски средини како Минхен, Хамбург или Франкфурт некаде надмина и 15 евра за квадрат(без режиски трошоци).

Уште порано социјалните здруженија предупредуваа дека ситуацијата со недостаток на поволен станбен простор со доаѓањето на голем број бегалци би можела дополнително да се влоши доколку властите не ја подобрат социјалната станбена изградба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП