18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИванов ќе ја координира агендата со потребите на економскиот тим

Иванов ќе ја координира агендата со потребите на економскиот тим

ivanovnov

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во рамките на дипломатските активности ќе ја засили економската агенда, односно ќе ги координира активностите и агендите со потребите и приоритетите на владиниот економски тим.

Ова беше истакнато на средбата на Иванов со членовите на владиниот тим за странски инвестиции, на која соговорниците разменија идеи, мислења и иницијативи.

Ресорните министри од Владата, пред македонскиот претседател ја претставија стратегијата за обезбедување зголемен прилив на странски директни инвестиции по земји, региони, и пазари, како и чекори од стратегиите за промоција на извозот.

Во таа насока, беа одредени таргет – државите кои би требало да се посетат во наредниот период, со цел меѓусебно интензивирање на контактите и унапредување на правната рамка, создавање соодветни услови за потенцијалните инвеститори, како и услови за пласман на македонски производи.

Иванов изрази подготвеност за поддршка и помош на владиниот тим во насока на воспоставување на контакти со одредени земји кои се потенцијални инвеститори во Македонија, обезбедување на информации за пристап до меѓународните пазари и олеснување на извозно ориентирани компании во наоѓање на странски деловни партери.

Македонскиот претседател информираше дека средба со иста цел ќе биде остварена и со претставниците на македонската бизнис заедница чии компании се извозно ориентирани со цел да ги слушне и нивните потреби и интереси, по што Кабинетот на Претседателот ќе пристапи во реализација на договореното, со подготовка на посети на држави кои се одредени како приоритетни.

Досегашна практика на претседателот Иванов е на маргините на сите негови официјални и работни посети на странски држави да се организираат бизнис форуми, на кои се презентираат бизнис можностите и поволностите за инвестирање во Македонија.

Согласно изборната програма, македонскиот претседател врши редовни консултации со претставниците на бизнис-заедницата и со релевантните министерства, за тоа каде може да се пласираат македонските производи во светот. Во насока на унапредување на македонската економија, при секоја службена и официјална посета во странство, како дел од делегацијата на претседателот Иванов, се селектираат и млади претприемачи, предложени од претпријатијата и стопанските комори, се вели во сооштението на кабинетот на Иванов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП