17 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромовирани нови дела од три капитални проекти поддржани од Владата

Промовирани нови дела од три капитални проекти поддржани од Владата

promovirani-dela-kultura

Нови дела од три капитални проекти поддржани од Владата и Министерството за култура беа промовирани во неделата во присуство премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и историчари, писатели, уметници.

Станува збор за три нови тома од проектот „Македонски искушенија“, еден том од новиот проект „Антологија на светската поезија и нови дванаесет дела од проектот „Превод на дела од македонската книжевност на шест странски јазици.

„Фактот што првпат на една иста промоција презентираме дела од три различни проекти, јасно говори за динамиката со која се работи, за нашиот пристап, влог и напорна работа паралелно да спроведеме што повеќе значајни проекти за македонската култура“, рече премиерот Никола Груевски и додаде дека проектот „Македонски искушенија“ претставува своевиден симбол на намерите автентично да се отслика македонското минато и историја преку записи на македонски историчари и преку домашни документарни филмови.

Трите тома од големата едиција „Македонија од антиката па сé до XIX век“ кои беа промовирани, претставуваат сеопфатен приказ на историјата на Македонија во пред османлискиот и османлискиот период со севкупна разработка на општествените, политичките економските и културните прилики во кои живееле бројни генерации на овие простори.

„Еден ваков проект беше неминовно потребен во нашата држава пред се поради фактот што долги години наназад беше направена една голема дупка во она што се нарекува македонски поглед за историјата на Македонија. Порано беше многу тешко да се најдат вакви книги поради долгогодишната маргинализација на македонската историја , а во делот на филмот состојбите беа уште полоши, од тие причини проектот Македонски искушенија ќе го надополни она што било пропуштено во минатото“, рече Груевски.

За новата едиција „Антологија на светската поезија“, посочи дека е „внимателно направен избор од поезија уште од времето кога луѓето првпат почнале да запишуваат стихови“.

„Како дел од оваа антологија, во пет томови сортирани се делата на мноштво древни автори од Месопотамија, Мала Азија, Кина, Индија, Хелада, Персија и Рим. Станува збор за поезија стара неколку илјади години, застапени се многу поетски светови, многу поетски стилови, знајни и незнајни автори, пишувана на многу древни, исчезнати и современи јазици. Сета таа историска низа и богатство од стихови првпат се појавува на македонски јазик“, рече Груевски.

Премиерот очекува проектот „Превод на македонската литература низ антологиски приказ на шест јазици“ да заврши на крајот на годинава. Појасни дека тоа едиција претставува своевидна „обратна насока“, односно да му се доближи на светот македонската литература, како што со другите проекти светската книжевност му е достапна на македонскиот читател.

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска истакна дека преку овие капитални проекти Владата и Министерството за култура успеваат да ја поткренат и свеста за важноста на јазикот како базичен фактор на националниот идентитет.

„Преку преводите на делата, нашиот, македонски јазик, се вклучи во мапата на искусните јазици кои се подготвени преку преводот да го примат и да го апсорбираат најдоброто од сите светски книжевности, од најстарите дела и цивилизации, до најновите, постмодерните дела и култури. Овие проекти ги поткренаа и издавачките стандарди во нашата држава: книгата стана и формално поубава, таа стана естетски предмет достоен за почит. Затоа, придобивките од овие проекти се повеќекратни, тие се наследство за нашите идни генерации“, рече Канческа – Милевска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП