28 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВолстрит: Раст на цените во последниот ден од најлошиот квартал од 2011-та

Волстрит: Раст на цените во последниот ден од најлошиот квартал од 2011-та

wall street3300009

Цените на акциите на Волстрит силно пораснаа во средата, но со тоа само успеаја да ги намалат најголемите квартални загуби од 2011-та година.

Dow Jones скокна вчера за 235 поени, или 1,47 отсто, на 16.284 поени, додека S&P 500 порасна 1,91 отсто, на 1.920 поени, а Nasdaq индексот се зголеми за 2,28 отсто, на 4.620 поени.

Сите 10 сектори на S&P 500 индексот вчера добија на вредност, а силно за 4,5 отсто, скокна и индексот на биотехнолошкиот сектор на Nasdaq.

Но, со тоа само ги намали загубите од изминатиот месец на 11,5 отсто. Овој сектор веќе подолго време е под притисок откако Хилари Клинтон, претседателски кандидат од Демократската партија, објави план за контрола на цените на специјалните лекови.

„Нема некој особени вести кои би ги поттикнале берзите. Но, по остриот пад на цените во последните недели, акциите се потценети, поради што ваквите скокови се логични“, вели Брајан Фенске, трговец во компанијата ITG.

На крајот на тромесечјето инвеститорите обично ги разубавуваат своите портфолија, а со вчерашниот скок на цените на акциите само се намалени ваквите загуби во третиот квартал.

Dow Jones се намали во изминатите три месеци за 7,6 отсто, додека  S&P 500 загуби 6,9 отсто, а Nasdaq 7,4 отсто, што е најголема квартална загуба во последните четири години.

Во поголемиот дел од минатото тромесечје берзите беа под притисок поради забавување на растот на кинеската економија и неизвесноста во поглед на зголемување на каматите на Фед.

Вчерашните податоци покажуваат дека во американскиот приватен сектор во септември се отворени повеќе нови работни места од очекуваното.

„Наместо да се обидуваат да дознаат кога Фед ќе ги зголеми каматите, мислам дека инвеститорите треба да се фокусираат на економските показатели и сезоната на објава на деловни извештаи за третото тромесечје“, вели Фенске.

И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE зајакна 2,58 отсто, на 6.061 поен, додека франкфуртски DAX скокна за 2,22 отсто, на 9.660 поени, а париски CAC 2,57 отсто, на 4.455 поени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП