19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОстар пад на Волстрит поради Кина и Фед

Остар пад на Волстрит поради Кина и Фед

volstrit4874

Цените на акциите на Волстрит остро падна во понеделникот бидејќи инвеститорите се повлекуваат од пазарот поради слабостите во кинеската економија и неизвесноста во врска со зголемувањето на каматите во САД.

Dow Jones падна за 1,92 отсто, на 16.001 поен, додека S&P 500 потона за 2,57 отсто, на 1.881 поени, а Nasdaq за 3,04 отсто, на 4.543 поени.

Падот на индексите е последица на последните сигнали за забавување на растот на кинеската економија. Во август добивката на кинескиот индустриски сектор падна за 8,8 отсто во однос на истиот месец лани, што претставува продолжување на негативниот тренд, со оглед дека во септември падот на добивката изнесуваше 2,9 отсто.

Инвеститорите стравуваат дека слабостите на кинеската економија, најголем светски потрошувач на сировини, дополнително ќе ја намали побарувачката на сировини, поради што нивните цени паѓаат.

Вчера цената на нафтата на американскиот пазар падна за 2 отсто, а падна и цените на металите, поради што меѓу најголеми губитници беа акциите во енергетскиот и рударскиот сектор.

Сепак, најмногу за 3,8 отсто, потона индексот на здравствениот сектор, што пред сѐ е последица на продолжениот притисок на биотехнолошкиот сектор.

Откако во минатата недела загуби 13 отсто, вчера индексот на биотехнолошкиот сектор потона за натамошни 6 отсто, што е негов најголем дневен пад за последните четири години.

Овој сектор е под притисок откако Хилари Клинтон, претседателски кандидат од Демократската партија, објави план со кои би се сопрело натамошно дивеење на цените на специјалните лекови.

„Здравствениот сектор и Кина ги погодија берзите. Во ваков амбиент треба човек да се воздржи од ризик, но нема место на кое би можеле да се сокриете“, вели Ричард Викс, директор во компанијата HighTower Advisors.

Инвеститорите ги мачи неизвесноста во врска со каматните стапки на американската централна банка. Неодамна челниците го одложија зголемувањето на клучните каматни стапки поради несигурност во врска со состојбата во глобалната економија, особено во кинеската.

Но, во последните денови порачуваат дека зголемувањето на каматите сепак е можно до крајот на годината, зависно од економските показатели. Вчера претседателот на Фед во Њујорк, Вилијам Дадли наговести дека ваков потег може да се очекува веќе во октомври.

„Многу инвеститори сметаат дека Фед е збунет. Не втераа во ќоше говорејќи дека зголемувањето на каматите е можно до крајот на годината, а економијата секој ден го покажува спротивното“, вели Моханад Ама, директор во компанијата Beam Capital Management.

Вчера објавените податоци покажаа дека потрошувачката на Американците во август порасна на очекуваното, што претставува аргумент за зголемување на каматите.

Од друга страна, падна продажбата на постоечки куќи, што покажува дека пазарот на недвижнини гуми замав.

По вчерашниот пад на цените на акциите, на S&P 500 индексот му се заканува најголема квартална загуба од 2011 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП