20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа проекти за прекугранична соработка со Бугарија има 7,2 милиони евра

За проекти за прекугранична соработка со Бугарија има 7,2 милиони евра

pehcevo 33

На општините и на другите потенцијални апликанти од Македонија и од Бугарија на располагање им се 7,2 милиони евра за проекти во три области: заштита на животната средина и приспособување кон климатските промени, поттикнување на развојот на туризмот, културното и природното наследство, како и подобрување на конкурентноста, бизнис средината и развојот на мали и средни претпријатија, трговија и инвестиции.

Јавниот повик за проекти во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија ќе биде отворен до 25 јануари 2016 година.

Заменикот министер за локална самоуправа Љупчо Пренџов, денеска ги посети општините Делчево и Пехчево. Тема на состаноците со градоначалниците Дарко Шехтански и Игор Поповски беше објавениот јавен повик за проекти за прекугранична соработка со Бугарија, на кој општините можат да аплицираат со свои проекти кои би значеле решавање на приоритетни прашања без оптоварување на општинските буџети.

Пренџов истакна дека јавниот повик со Бугарија е важен и поради воедначената распределба на средствата меѓу Македонија и Бугарија, обезбедени од страна на Европската Унија во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка.

Градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански информираше дека општината, јавното претпријатие и трите училишта веќе се подготвени и ќе аплицираат со шест проекти. Очекуваат да добијат средства за нивно финансирање врз основа на искуството од претходните три, од кои два се веќе реализирани – подигната е енергетската ефикасност во основното училиште, направено е просторно проширување на гимназијата со што е обезбедено едносменско работење, а до крајот на годината треба да заврши проектот за регулација на речното корито.

Регулацијата на речното корито е приоритет и за градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски. Општина Пехчево има искуство во реализација на проекти за прекугранична соработка со бугарската општина Симитли и според градоначалникот Поповски, партнерството ќе продолжи и во рамките на актуелниот јавен повик.

Покрај општините на јавниот повик можат да аплицираат и центрите за развој на планските региони, јавни претпријатија, универзитети, средни и основни училишта, детски градинки, домови на култура, музеи, бизнис асоцијации, болници, подрачни единици на министерства, граѓански организации и други непрофитни субјекти од податните региони во Македонија во партнерство со субјекти од соодветните региони во Бугарија.

За периодот 2014-2020 година во Рамките на Програмата за прекугранична соработка Македонија-Бугарија се обезбедени вкупно 20 милиони евра.

Заменикот министер Пренџов истакна дека Министерството за локална самоуправа е задоволно од реализацијата на средствата за прекугранична соработка во рамките на првиот програмски период 2007-2014. Реализирани се над 90 проценти од средствата наменети за Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, а во просек околу 80 отсто од средствата од сите програми. Со скоро 54 милиони евра се финансирани вкупно 223 проекти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП